Во Македонија, годишно, се склучуваат околу 12-14.000 бракови, а се разведуваат 4-5.000 брачни партнери, или околу третина во однос на новите бракови. Тоа значи дека секоја година 5.000 разводи можат да бидат причина за новинарски објави на порталите околу околностите за разводот или борба за старателство на деца. Но, тоа не се случува.
Еден од тие 4-5.000 разводи е разводот на брак склучен во 2020-та година од лице од Охрид со Невена Цветанова од Скопје. (Името на Невена е објавено бидејќи таа по своја иницијатива се појави во јавноста во врска со разводот и ја раскажа својата приказна) а три портали и една телевизија ја следат приказната исклучиво според зборувањето на Невена Ц. без ниту еден презентиран материјален доказ или документ, или семена изјава од другата брачна страна, од таткото. Накусо, еднострана кампања на разведена жена која се жали од државниот систем и го напаѓа семејството на сопругот без ниту е ден изнесен факт или доказ.
Веќе видено многу пати, но на овој случај трите портали и, во една прилика, ТВ Телма решија да му посветат посебно внимание. Зошто? Причината може да се заклучи од описот кој следи.
Во кратка хронологија да ве воведеме во приказната, за разлика од личните фрустрации на Невена Ц., тука со факти, докази и детали.
Според искази на Невена (Спасеска) Цветанова и ПР текстовите во трите портали за кои постои основано сомневање за поврзаност со маркетинг агенцијата Трамисо на нејзината мајка. таа била “жртва на богато семејство од Охрид кои неа ја гледале како субјект за приплод и преку својата економска моќ влијаеле на судските одлуки за старателство на детето“ околу пресудите за старателството на основниот суд во Охрид и апелациониот суд во Битола кои пресудиле дека старател за детето треба да биде нејзиниот поранешен сопруг С.С.
Невена раскажува приказна за Пепелашка во која таа е сиромашна, се омажила за богат маж со кој се развела а потоа затоа што неговото семејство е богато, а нејзиното не е, тие како моќни ги корумпирале судиите во Охрид и во Битола да определат право старателство за детето на таткото, е не на неа. Приказната треба да биде леплива за јавноста и влијателна за судиите и Центарот за социјални работи (ЦСР) во Охрид и, особено, во Скопје.
Па, како ова да не било доволно, три портали објавуваат, без ниту еден факт, документ, аргументирана ситуација или доказ, тврдења за поткрепување на приказната на Невена за Пепелашка.
Иако страната на таткото имала правен основ за тужба против наведените медиуми, тоа не го сторила со намера да не се создава ријалити шоу по план на некоја маркетинг агенција, туку да се сочува приватноста на постапката и детето.

По барање за ревизија пред Врховниот суд во која се бара поништување на пресудите од Охрид и Скопје за старателство на детето во полза на таткото, а се бара и утврдување од Врховниот суд дека ЦСР Охрид не е надлежен за управната постапка околу тоа каде и со кого ќе живее детето туку, според Невена, надлежен е ЦСР Скопје.
Според Решението на Врховниот суд РЕВ2 138/25 од 03.07.2025 во кое редакцијата има увид, решено е дека се поништуваат одлуките на судовите во Охрид и Битола и наложено повторување на судењето со насока за попрецизно утврдување на аргументите за нивните пресуди. Но, Врховниот суд не ја оспорува надлежноста на ЦСР Охрид за водење на управната постапка околу проценка и оценка за условите за понатамошен престој на детето кај родителите, а тие оцениле дека условите за старателство ги исполнува – таткото.
Што се случува во меѓувреме, помеѓу пресудата за старателство и Решението на Врховниот суд. Мајката не дозволува детето да се среќава со таткото, не дозволува време проведено со таткото во нивниот семеен дом, не дозволува на полицијата да ја контактира... со што врши повреда и не дозволува извршување на судска одлука како и тортура и изолација врз детето со негово изолирање од таткото и кривично дело за кое се поднесени пријави, помеѓу останатото, и од Центарот за социјални работи.
Агресивноста и манипулациите на мајката се во низа
Манипулациите продолжуваат кога Невена Ц. не извршува судска пресуда, го изолира детето од таткото и не дозволува нивна средба и престој на детето кај таткото а за да се заштити од соодветна казна се појавува во медиумите со приказ дека “полицијата сака да и го грабне детето затоа што семејството на таткото е богато и моќно...“. Кога Невена Ц. конечно во октомври дозволува таткото да се види со синот на неговиот роденден, трите портали кои работат нејзина промоција објавуваат дека таткото насилно предизвикал скандал. И повторно нема детали, нема докази, нема изјави... нема ништо. Има само приказна со која Невена Ц. сака да влијае врз Центарот за социјални грижи.
Патем, спротивно на законските обврски, мајката Невена Ц. речиси десет месеци не дозволува детето да се види со таткото што е сериозно кривично дело со сериозни можни емотивни последици за детето. Едноставно - не го дава, и покрај одлуките и ургенциите на надлежните органи и пријави од полицијата која е задолжена одлуките да ги обебзбедува во фазата на спроведување. Овие детали ги нема во изјавите на Невена Ц. и ПР текстовите кои преенсуваат дека “полицијата сака да и го одземе детето на мајката!“.
Да видиме кој е немоќен и сиромашен во приказнава

Семејството на Невена Ц, преку своите две фирми последниве години има чиста заработка од околу милион евра! Според проверени јавни податоци од Централниот регистар милион евра имале добивка фирмите ГЕННЕН Скопје, сопственост на нејзината мајка и татко, и маркетинг агенцијата Трамисо Скопје во сопственост на нејзината мајка досега имаат над милион евра добивка. Патем, агенцијата Трамисо е сега блокирана и надлежните институции водат постапка заради сомневање поврзано со финансиските активности на Трамисо.
Семејството на Невена има станови, три за кои постојат податоци во Катастарот, и сето тоа никако не одговара на тезата дека се “сиромашни“ кои трпат заради моќните богати од другата страна. Патем, кога е моќта во прашање, имаме сознание за контакти на семејството на Невена со луѓето кои одлучуваат во Министерството за социјала и труд како и во Центарот за социјални работи во Скопје, а за тоа во следната прилика.
Во оваа да потсетиме дека е веќе објавено за средба помеѓу таткото на Невена и сопруг на судијка во Апелација Битола во време кога тече решавањето по жалба против одлуката на охридскиот суд. По објавата судскиот состав во битолска Апелација за овој предмет – составот е сменет.
Пепелашка постои само во приказните, а ова приказна е од реалниот и секојдневен живот во кој Невена Ц. со моќта и врските на нивната маркетинг агенција и непостапување по закон и судски пресуди покажува немоќ и слабост на системот да ги извршува сопствените одлуки и почитува законот.
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата