АНБ и МВР дале мислење дека Артан Груби не е безбеден во притвор, соопшти обвинителството, во сопственото правдање за замената на веќе определениот 30-дневен ефективен притвор со куќен притвор.
Дали е баш така?
Според информации на Вечер.мк, АНБ и МВР дале само мислење дека за Артан Груби постојат закани, а не дека во притвор му е загрозена безбедноста и тоа обвинителството си го земало и толкувало екстензивно за да си ја оправда одлуката и решението кои сами си го донеле - куќен притвор.
Во обвинителството знаат дека МВР и АНБ немаат овластување за проценка на безбедност во затворот „Скопје“ туку тоа со правна важност го има само Дирекцијата за извршување санкции од која не е добиено мислење кое би имало правна важност.
АНБ и МВР со нивните мислења немаат никаква правна сила ни обврска за такви нешто, тоа е право само на Дирекција за извршување санкции и на затворот „Скопје“.
Груби, како и останатите притвореници ќе беше безбеден во Шутка
Затворот „Скопје“ во Шуто Оризари не е мексикански картел, може да ја гарантира безбедноста на секој штитеник, па дури и на поранешниот вицепремиер Артан Груби, вели директорот на Истражниот затвор, Бобан Утковски.
– Безбедноста овде е на прво место. Од мене не е побарано писмено да се произнесам за безбедноста на лицето Артан Груби. За МВР и АНБ не знам. За мене сето ова е произволно. Нека дојде кој сака и да каже кои параметри не ги задоволува затворот „Скопје“. Кои се тие безбедносни критериуми што ние не ги исполнуваме – вели Утковски за „Слободен печат“.
Не е точно дека не може да се гарантира личната безбедност на Груби, додава тој.
– Со сиот свој интегритет гарантирам дека максимално е загарантирана безбедноста на секој еден штитеник, дури и на Груби. На крајот на денот ако толку ценат дека овде е небезбедно има и други притворски одделенија и во затворите во Гевгелија, Битола и во Куманово – вели Утковски.
И министерот за правда бара одговорност за куќниот притвор
- Утрово побарав и објаснување од директорот на Затвор Скопје, преку Управата за извршување на санкции бев информиран дека во текот на вчерашниот ден биле обезбедени сите услови за спроведување на мерката притвор во надлежната институција.
Недозволиво е да се тврди дека не може да се гарантира безбедност на притворено лице и тоа да стане аргумент за поблага мерка. Како министер за правда дополнително ќе побарам да се изврши вонреден надзор во Затвор Скопје, како и во останатите затвори низ Македонија во однос на безбедносната состојба.
И дозволете да констатирам нешто што граѓаните одамна го чувствуваат. Залудно носиме закони, ако не се спроведуваат, залудно менуваме регулативи ако тие важат селективно, залудно спроведуваме реформи, ако практиката ја урива довербата. Ова не е прашање на политика, ова е прашање на принцип, јас нема никогаш да молчам кога принципот на еднаквост пред законот ќе биде доведен во прашање, истакна Филков.
Обвинителството денеска соопшти дека дале предлог за куќен притвор на Груби, бидејќи МВР и АНБ процениле дека не бил безбеден.
Поранешниот вицепремиер вчера беше уапсен на граничниот премин Бласе, по 14 месеци бегство. Тој е осомничен за проневера од 8 милиони евра во Државна лотарија.
Ако Артан Груби имал закани, а многумина криминалци имаат, побезбеден е во контролирана средина во притвор отколку дома, каде секој со намера да му нанесе повреда или одземе живот.
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата