Министерот за внатрешни работи Панче Тошковски тврди дека Ива Михаилова која е поврзана со сообраќајниот настан во кој загинал човек нелегално ја напуштила Македонија и влегла во Бугарија. Според него, последниот потврден легален влез и излез на лицето меѓу двете држави бил евидентиран во текот на 2025 година.
Тошковски посочи дека во текот на 2026 година лицето не е евидентирано ниту при излез од Македонија, ниту при влез во Бугарија.
„Факт е дека лицето нелегално излегло од Македонија и нелегално влегло во Бугарија. Особено дека нелегално излегло од Македонија“, изјави Тошковски, додавајќи дека истрагата треба да утврди како лицето ја напуштило државата.
Министерот рече дека службите од заедничкиот координативен центар на границата со Бугарија размениле информации за последните евидентирани преминувања на лицето. Тој најави дека истрагата треба да даде одговори и на прашањето дали лицето можеби поминало преку граничен премин без да биде евидентирано.
Во таа насока, Тошковски посочи дека треба да се проверат снимките од граничните премини и да се утврдат околностите под кои работеле полициските службеници во изминатите денови.
„Ќе даде истрагата одговор на сите детали поврзани со тоа како лицето практично кажано избегало од Македонија“, рече министерот.
Според него, треба да се обезбеди законита постапка и правда за семејството на починатиот, а правото на живот и одговорноста пред законот мора да важат за сите.
„Прашањето е дали ние имаме систем кој дозволува некој којшто треба да одговара за сето тоа, јавноста е согласна да исчезне, да ја напушти државата и да биде заштитен од која било држава, во случајот членка на ЕУ“, изјави Тошковски.
Министерот нагласи дека истрагата треба да ги расчисти околностите околу напуштањето на Македонија и да даде одговори за тоа како лицето се нашло во Бугарија.
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата