logo
logo
logo

СЕЈФ СИТИ НЕ МОЖЕ ДА ГИ КАЗНИ СТРАНЦИТЕ се додека не се среди базата на податоци за нив

Vecer | 27.06.2026

СЕЈФ СИТИ НЕ МОЖЕ ДА ГИ КАЗНИ СТРАНЦИТЕ се додека не се среди базата на податоци за нив

Иако системот „Сејф сити“ успешно ги регистрира сообраќајните прекршоци, засега не може да ги санкционира возачите на возила со странски регистарски таблички. Причината не е во камерите, туку во недостигот од база на податоци преку која би се утврдил идентитетот на сопствениците и би им се доставиле прекршочните налози.

Од Министерството за внатрешни работи информираат дека системот ги евидентира сите возила, но за разлика од домашните регистарски таблички, за странските нема пристап до потребните информации за сопственост. Министерот Панче Тошковски најави дека се работи на софтверско решение, како и на отворање посебен пункт кој ќе биде задолжен за процесуирање на прекршоците што ги прават возачи со странски таблички.

Во екот на летната сезона, низ земјава секојдневно минуваат десетици илјади странски државјани. Само во последните 24 часа, преку граничните премини Богородица и Табановце во земјата влегле речиси 24.000 странски државјани, додека повеќе од 32.000 ја напуштиле државата.

Според податоците на МВР, од почетокот на примената на „Сејф сити“ на 2 февруари годинава, изречени се околу 120.000 казни, од кои дури 95 проценти се за пречекорување на дозволената брзина. Во истиот период, бројот на загинати во сообраќајни несреќи е намален за околу 40 проценти во споредба со лани.

Во моментов камерите се поставени во Скопје, Куманово, Тетово, наскоро и во Охрид, како и на коридорите 8 и 10, а до крајот на годината се очекува системот целосно да биде проширен и во другите поголеми градови и на најфреквентните патни правци низ државата.

© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата

logo

Vecer.mk е прв македонски информативен портал, основан во 2004 година.

2004-2026 © Вечер, сите права задржани

Сите содржини и објави на vecer.mk се авторско право на редакцијата. Делумно или целосно преземање не е дозволено.

Develop & Design MAKSMEDIA LTD Skopje Copyright © 2004-2026. Vecer.mk