„WAYMO“, одделот за автономно возење на „Alphabet“, јапонскиот оператор на апликација за такси-услуги GO и такси-компанијата „Nihon Kotsu“ планираат во 2027 година да ја лансираат првата целосно автономна комерцијална такси-услуга во Јапонија, соопштија денес овие компании.
Услугата првично би требало да биде достапна со помал број возила, а потоа возниот парк би требало да се прошири на околу 100 автомобили во клучните населби во Токио, под услов да се добијат регулаторните одобренија и успешно да се потврдат технологијата и деловниот модел на Waymo.
Откако ќе се добијат потребните дозволи и ќе се завршат проверките, такси-возилата ќе сообраќаат без возачи, а корисниците ќе можат да ги нарачаат преку апликациите на GO и Waymo, се наведува во заедничкото соопштение на компаниите.
„Услугата со возила без возач ќе биде достапна за јавноста уште од првиот ден“, изјави Текедра Мавакана, ко-извршен директор на Waymo, на прес-конференција во Токио.
„Одговорно ќе ја зголемуваме флотата и постепено ќе ги шириме операциите со текот на времето, сè додека секој во Токио не може да ја преземе апликацијата и да го користи нашето возило“, додаде таа.
Оваа најава го означува најновиот чекор во влезот на Waymo на јапонскиот пазар. Компанијата започна со собирање податоци по улиците на Токио во 2025 година, користејќи возила „Jaguar I-PACE“ со човечки возачи. Ова беше првиот излез на Waymo на јавни патишта надвор од САД.
Компаниите очекуваат дека услугата за автономни такси-возила би можела да помогне во ублажувањето на недостигот од возачи во Јапонија – земја која истовремено се соочува и со поширокиот проблем на опаѓање на бројот на населението.
Одделно, јапонскиот производител на автомобили „Nissan“ соработува со британскиот стартап „Wayve“ и американската компанија „Uber“ на развојот на робо-такси возила.
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата