Американскиот претседател Доналд Трамп беше домаќин на средба со водечките луѓе од технолошкиот сектор, која ја нарече „извонреден собир“ на умови што ја „градат златната ера на Америка“.
На списокот со гости беа лидери од компаниите OpenAI, Entropic, Nvidia, SpaceX, Meta и Google – сите клучни фигури во американската индустрија за вештачка интелигенција.
Средбата се одржува во време кога некои раководители на технолошки компании и експерти повикуваат на построг надзор врз вештачката интелигенција, наведувајќи ја загриженоста за потенцијалните ризици што таа ги носи за човештвото. Ова се трите клучни заклучоци од технолошкиот самит на Трамп во Белата куќа.
По затворениот состанок, Трамп околу 30 минути одговараше на прашања од медиумите заедно со водечките лидери од технолошкиот сектор. Американскиот претседател изјави дека лидерите потпишале документ што е „морално обврзувачки“ и кој ќе послужи како „вид заштита“ од потенцијалните ризици поврзани со вештачката интелигенција.
Според договорот, кој Трамп го објави онлајн, компаниите се одговорни за обезбедување на сигурноста на сопствената технологија. Тие исто така се согласија да воведат заштитни мерки за да се осигури дека моделите функционираат како што е предвидено, како и за брзо откривање и отстранување на какви било проблеми.
Тие, исто така, ќе соработуваат со „независни ревизори“ за да проценат дали нивните системи со вештачка интелигенција функционираат според предвиденото и за да се осигурат дека нивните платформи не вршат „хакирање или пристап до технички системи на начини кои не биле планирани“.

Договорот го потпишаа Трамп, првиот човек на Google, Сундар Пичаи, првиот човек на Anthropic, Дарио Амодеи, Марк Закерберг од Meta, претседателот на OpenAI, Грег Брокман, Илон Маск од SpaceX и извршниот директор на Nvidia, Џенсен Хуанг.
„Тоа е, на некој начин, речиси како Устав. И најголемите луѓе во светот го потпишаа, а и јас го потпишав како претседател“, рече Трамп.
Трамп додаде дека ќе формира одбор што ќе ја надгледува безбедноста на алатките за вештачка интелигенција. Тој не прецизираше кој ќе биде дел од тој комитет.

Закерберг изјави дека договорот им влева „доверба на американскиот народ и на корисниците дека технологијата функционира“ како што е предвидено, нарекувајќи ја средбата „историски разговор“.
Амодеи го нарече тоа метод за „сигурна победа“, осврнувајќи се на коментарот на претседателот од почетокот на месецов дека „оној што ќе ја победи вештачката интелигенција, победува“.
Сепак, не сите технолошки експерти се импресионирани од договорот. Хозе Мигелито Енрикез, истражувач за управување со вештачка интелигенција на Технолошкиот универзитет „Нанјанг“, рече дека договорот покажува „консензус во подем“, но не го решава прашањето дали развивачите на вештачка интелигенција треба да сносат одговорност за инциденти.
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата