Високите температури за јануари годинава се рекордни во многу земји низ Европа, а националните рекорди за највисоки температури се срушени во осум земји.
Оваа година во Европа владее блага зима, но за разлика од неа, Северна Америка во декември се соочи со сурови зимски бури кои однесоа повеќе од 60 човечки животи.
На европската страна на Атлантикот зимата е блага во многу делови на почетокот на годината.
Температурите во Холандија, Лихтенштајн, Литванија, Латвија, Чешка, Полска, Данска и Белорусија беа највисоки оваа зима од почетокот на мерењата во овие земји.
Во Варшава, главниот град на Полска, во неделата се измерени 18,9 степени Целзиусови, а во Шпанија 25,1, што е за повеќе од 10 степени над просекот.
Температурата измерена во Варшава на 1 јануари била за 4 степени Целзиусови повисока од највисоката температура во декември, а во Белорусија се измерени 6,4 степени, што е за 4,5 степени повисока од претходниот рекорд.
Во Шпанија, температурите измерени на новогодишната ноќ во Билбао беа еднакви на просечната температура во јули, а во Каталонија, вклучително и главниот град на таа покраина, Барселона, властите наредија зачувување на водата.
Во Швајцарија температурите достигнаа 20 степени Целзиусови, а ваквото топло време негативно се одразува на скијачката сезона на Алпите.
Сепак, насекаде во Европа не е баш топло: ниски температури и снег се предвидуваат во делови од Скандинавија, а Москва за викендот ја очекува -20 степени.
Обединетото Кралство, Ирска, Франција и Шпанија ја прогласија минатата година за најтопла од почетокот на мерењето на температурата.
Топлотните бранови станаа почести и поинтензивни и траат подолго поради климатските промени.
Сепак, високите зимски температури го немаат истиот ефект како летните топлотни бранови, кои можат да предизвикаат зголемен број на смртни случаи.
Планетата веќе се загреа за 1,1 степени Целзиусови во однос на прединдустриската ера и температурите ќе продолжат да растат доколку владите ширум светот не ги преземат неопходните чекори за намалување на емисиите на стакленички гасови кои предизвикуваат глобално затоплување, нагласува Би-Би-Си.
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата