logo
logo
logo

Малата пацифичка држава Науру го промени своето име

Vecer | 31.07.2026

Малата пацифичка држава Науру го промени своето име

Островската држава Науру во Пацификот официјално го промени своето име во Република Наоеро, враќајќи се на своето традиционално име – потег за кој властите велат дека има за цел да го зајакне националниот идентитет и да го зачува културното наследство.

Во мај, парламентот на Науру усвои уставен амандман за промена на името на земјата и првично планираше да спроведе национален референдум.

Сепак, претседателот Дејвид Адеанг вчера на социјалните мрежи објави дека се одустало од референдумот. „Одлуката да не се одржи референдум беше донесена по внимателно разгледување на фактот дека Наоеро не е ново име што допрва треба да биде прифатено од граѓаните. Тоа веќе претставува идентитет на нашиот народ, стои на националниот грб, се користи во секојдневниот говор на заедницата и, што е најважно, е дозволено со Уставот“, напиша Адеанг.

Скратеното име на земјата ќе биде Наоеро, додека нејзините граѓани ќе бидат нарекувани *dei-Naoero*.

На европските колонизатори им било тешко да го изговорат оригиналното име. Европските колонизатори ја преименувале земјата во Науру затоа што им било тешко да го изговорат нејзиното оригинално име, Наоеро.

Оваа островска нација, со население од околу 12.000 жители, е третата најмала земја во светот, по Ватикан и Монако. Адеанг нагласи дека одлуката не е политичка по природа, туку е прашање на идентитет, наследство и „зачувување на наследството на нашите предци и зајакнување на иднината на нашите деца“.

Владата официјално ги извести меѓународните организации и другите нации за промената на името, а процесот на транзиција е веќе во тек.

© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата

Најчитани во последни 7 дена

logo

Vecer.mk е прв македонски информативен портал, основан во 2004 година.

2004-2026 © Вечер, сите права задржани

Сите содржини и објави на vecer.mk се авторско право на редакцијата. Делумно или целосно преземање не е дозволено.

Develop & Design MAKSMEDIA LTD Skopje Copyright © 2004-2026. Vecer.mk