logo
logo
logo

ПОСТОЈАНО СТЕ УМОРНИ ИАКО ЖИВЕЕТЕ ЗДРАВО? Проверете дали ги земате овие лекови!

Vecer | 14.09.2026

ПОСТОЈАНО СТЕ УМОРНИ ИАКО ЖИВЕЕТЕ ЗДРАВО? Проверете дали ги земате овие лекови!

Правите сè што можете за да го подобрите вашето здравје: му давате приоритет на спиењето, редовно вежбате и се храните здраво, но можеби не ги чувствувате сите придобивки од таквиот начин на живот, и тоа поради лековите што ги земате секој ден, предупредуваат експертите. Некои од најчесто пропишуваните лекови, но и оние што ги купуваме без рецепт, можат, всушност, да влијаат врз тоа како нашето тело ги апсорбира витамините и хранливите материи од храната. Покрај тоа, можат да го намалат апетитот, да го нарушат метаболизмот, а како што покажуваат неодамнешните истражувања, дури и да доведат до недостиг од витамини.

– Различни лекови можат да имаат различни интеракции со нашиот организам и да ги црпат есенцијалните витамини и минерали од телото. Поединците кои земаат повеќе лекови и имаат ослабен имунолошки систем, како постарите лица и оние со веќе познати нутритивни недостизи, се изложени на поголем ризик – изјави фармацевтот Ијан Бад за Daily Mail.

Симптомите на недостиг од нутриенти можат да бидат фрустрирачки нејасни. Тоа можат да бидат постојан замор, ментална магла, мускулна слабост, промени во расположението или едноставно непријатно чувство за кое не можеме да ја утврдиме причината.

– Многу често се случува и симптомите како грчеви во мускулите или чести инфекции погрешно да се сметаат за знаци на стареење или стрес, а не за недостиг од нутриенти – додаде фармацевтот и истакна дека постојат неколку често користени групи лекови кои ни ги крадат витамините и минералите. Сепак, постојат и чекори што е можно да се преземат за да го зголемите внесот на есенцијални нутриенти, дури и при понатамошно земање на лекот.

ППИ лекови против жиговина

Инхибиторите на протонската пумпа (ППИ) спаѓаат меѓу најраспространетите и најчесто користените лекови во светот. Ја намалуваат количината на киселина во желудникот и ги ограничуваат непријатните симптоми на жиговина (киселини). Можат да се купат и без лекарски рецепт. Но, лекарите по општа медицина веќе долго време предупредуваат дека овие лекови, иако се способни брзо да ги ублажат симптомите на жиговина, идеално би било да се користат во период од само еден или два месеца токму затоа што со тек на време можат да ја попречат способноста на организмот да ги апсорбира есенцијалните минерали и витамини.

– Долготрајната употреба на лекови против рефлукс на киселина, како омепразолот, може да го намали нивото на витаминот Б12, кој игра клучна улога во создавањето црвени крвни клетки, потоа на железото, натриумот и магнезиумот, а тоа може да предизвика замор, проблеми со спиењето и енергијата, како и недостиг од витамин Ц, потребен за раст и закрепнување – објасни Ијан Бад. Истражувањата покажуваат дека долготрајното земање на овие лекови може да го зголеми ризикот од развој на остеопороза бидејќи ја попречуваат способноста на желудникот да го апсорбира калциумот, минерал кој е клучен за здрави коски. исто така, студија од 2023 година покажа дека долготрајните корисници на пантопразол имале недостиг од витамин Д, што го зголемува ризикот од нарушувања на коските.

Метформин кај дијабетес

Метформинот често се користи за лекување дијабетес тип 2, гестациски дијабетес и синдром на полицистични јајници. И овој масовно користен лек може да влијае врз апсорпцијата на витаминот Б12.

– Недостигот од витамин Б12 е честа несакана реакција на метформин, а се смета дека погодува еден од десет пациенти. Иако точниот механизам на таквото дејство сè уште не е целосно разјаснет, се мисли дека можно објаснување би можело да биде попречувањето на врзувањето на витаминот за рецепторите во цревата, што укажува на причината зошто лицата со дигестивни проблеми, како Кронова болест, се под поголем ризик од недостиг од витамин Б12. Симптомите се тромост, трпнење или боцкање во рацете и стапалата, мускулна слабост, депресија, анксиозност, збунетост, па дури можеби и деменција – објасни Бад.

На сите што земаат ваков лек и доживуваат екстремен замор, мускулна слабост, промени во изгледот на јазикот, ранички во устата или проблеми со видот, им се препорачува задолжително да се јават кај својот матичен лекар. Ако се утврди недостиг од витамин Б12, лекарите можат да препишат негови зголемени дози во форма на додаток во исхраната.

Статини за намалување на холестеролот

Статините делуваат така што го намалуваат нивото на т.н. лош холестерол (ЛДЛ) што го произведува црниот дроб, со што ја намалуваат можноста за создавање масни наслаги во артериите кои можат да доведат до мозочен и срцев удар. Главоболките, гадењето и дијарејата се добро познати благи несакани ефекти од земањето статините. Но, експертите предупредуваат дека употребата на статините исто така може значително да го намали нивото на коензимот Q10 (CoQ10), антиоксиданс кој има клучна улога во производството на енергија во клетките.

– Поради тоа можете да се чувствувате тромо и без енергија, бидејќи ензимот што го инхибираат статините е исто така потребен за производство на мевалонат, а тоа е клучен градежен елемент за коензимот Q10. Се верува дека тоа предизвикува грчеви, болки во мускулите и слабост, што го пријавуваат многу корисници на статините – вели фармацевтот и додава дека разновидната исхрана кај повеќето луѓе обезбедува доволни нивоа на коензимот Q10, при што најбогат избор е масната риба како сардините и скушата.

Аналгетици за секојдневни тегоби

Добро е познато дека долготрајната употреба на нестероидните воспалителни лекови (НСАИЛ), како аспиринот или ибупрофенот, може да предизвика оштетување на слузницата на цревата, вклучувајќи крвавење, недостиг од железо и анемија, но тоа не се сите можни несакани ефекти. Секојдневното земање аналгетици како што е аспиринот, предупреди фармацевтот Бад, може да ја попречи фолната киселина и витаминот Ц, додека антибиотиците можат да ги уништат корисните цревни бактерии кои го произведуваат витаминот К, потребен за згрутчување на крвта за да можат раните да заздрават.

Со урината можат да заминат и електролитите

Диуретиците се лекови кои поттикнуваат мокрење, а најчесто се препишуваат за намалување на високиот крвен притисок, што се постигнува со намалување на количината течност во крвните садови, и за отстранување оотоци кај болести на срцето, бубрезите или црниот дроб. Но, со урината од нашиот организам заминуваат и електролитите, а тоа може да предизвика нивни неурамнотежени нивоа. На пример, овие лекови можат да ги исплакнат калиумот и магнезиумот, што може да доведе до грчеви во мускулите, треперење и слабост.

Неурамнотеженоста на калиумот може да ги наруши нервните импулси кои контролираат сè, од мускулите до отчукувањата на срцето. Ниското ниво на калиум во крвта или хипокалемијата може да влијае врз работата на срцето, кое тогаш не може ефикасно да пумпа крв во мозокот, останатите органи и мускулите. Истражувањата покажуваат дека дури до 80 проценти од пациентите кои земаат диуретици се изложени на ризик од хипокалемија.

Поради дејството на диуретиците може да дојде и до недостиг од магнезиум. Исхраната богата со темен лиснат зеленчук, јаткасти плодови и житарици може да помогне во спречувањето на појавата на недостиг и во подобрувањето на здравјето на срцето.

© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата

Најчитани во последни 7 дена

logo

Vecer.mk е прв македонски информативен портал, основан во 2004 година.

2004-2026 © Вечер, сите права задржани

Сите содржини и објави на vecer.mk се авторско право на редакцијата. Делумно или целосно преземање не е дозволено.

Develop & Design MAKSMEDIA LTD Skopje Copyright © 2004-2026. Vecer.mk