Маж облечен во црно ненадејно се појавил од зимската ноќ во предградие на Стокхолм. Со пиштол во раката му пришол на 20-годишниот Мурад Абделкадер, студент кој се враќал дома од смена во „Мекдоналдс“. Напаѓачот пукал повеќепати додека се приближувал, а последниот куршум му го испалил на момчето во главата додека лежело на земја. Убиецот бил 18-годишниот Атила Азимов, кој го убил погрешниот човек за пари – по налог на мрежата „Foxtrot“ (Фокстрот), организирана криминална група поврзана со иранскиот режим, позната по контроверзната тактика „насилство како услуга“, пишува BBC.
Мрежа што регрутира тинејџери
Се проценува дека од 2022 година мрежата „Foxtrot“ е одговорна за околу 35 убиства. И се припишуваат и низа напади и обиди за напади врз израелски мети во Европа, меѓу кои и два инциденти со експлозив и рачни бомби.
Бандата за пари регрутира тинејџери за извршување напади, но речиси никогаш не им ги исплаќа ветените суми — главно затоа што полицијата ги апси пред исплата. Еден од нив е Јоханес Натланд, норвешки тинејџер кого поротата во судот „Олд Бејли“ во Лондон го прогласи за виновен за планирање убиство во Вест Јоркшир.
Според оперативната група GRIMM, основана од Европол за сузбивање на овој специфичен облик на криминал, тинејџерите се врбуваат преку социјалните мрежи. Целиот процес е организиран како видеоигра. Енди Краг, раководител на Центарот за тежок и организиран криминал во Европол, го нарекува овој модел „систематско ангажирање на ранливи млади луѓе за извршување убиства“.
Групата GRIMM моментално опфаќа 11 земји погодени од овој феномен: Белгија, Данска, Финска, Франција, Германија, Исланд, Холандија, Норвешка, Шпанија, Шведска и Обединетото Кралство.

Директни врски со Техеран
Водачот на мрежата, Рава Маџид, побегнал од Шведска, а потоа и од Турција. Сега се наоѓа во иранскиот главен град Техеран. Полицијата верува дека дел од нападите се извршени директно за иранскиот режим, како што беше нападот со рачна бомба врз израелската амбасада во Копенхаген, додека други се дел од крвавите пресметки на „Foxtrot“ за превласт на пазарот за дрога.
Диамант Салиху, истражувачки новинар од шведската телевизија SVT, со години ги истражува врските меѓу оваа банда и Иран:
„Режимот му наредува на водачот на ’Foxtrot’ да ја активира својата мрежа за напади врз непријателите на Иран — тоа можат да бидат дисиденти, критички новинари или израелски мети. Врските започнаа откако Маџид побегна во Техеран. Тој мораше да се нагоди за да живее слободно во Иран, под услов неговата мрежа да одработува за режимот“, објаснува Салиху.
Случајот Натланд: Убиството како игра на компјутер
Владата на Обединетото Кралство воведе санкции за мрежата „Foxtrot“ и за нејзиниот водач. Тоа се случи еден месец по апсењето на тогаш 18-годишниот Натланд, кој допатувал во Англија за да изврши нарчено убиство. Неговиот случај сликовито прикажува како функционира овој морбиден систем.
Натланд, син на двајца новинари од Ставангер, имал мирно детство, но подоцна западнал во проблеми со дрога и развил психоза. Во дом за млади се запознал со тинејџер кој на интернет го користел прекарот UnknownHustler. Токму тој му понудил на Натланд 25.000 евра за да изврши убиство во Англија. Нарачката дошла од 16-годишник со прекар Generalen.

Натланд потоа стапил во контакт со член на „Foxtrot“ под прекарот Agent 47 (име преземено од познатата видеоигра Hitman). Шведската полиција се сомнева дека зад овој прекар стои Али Шехад Ахмед, близок соработник на водачот Маџид.
Agent 47 му резервирал карта во еден правец до Манчестер, му помогнал да извади итен пасош и преку апликацијата Signal го водеше чекор по чекор. Потоа го предал на логистичар со прекар „1“, кој го третирал Натланд како лик во видеоигра: му праќал мапи и видеа од скриеното оружје во шума, како и видео од торба со пари скриена во грмушки.
Кога Натланд се сместил во хотел со оружјето, пристигнала пораката: „Утре имаме многу работа“. Сепак, тој бил уапсен следното утро, пред да му соопштат која е метата.
Тинејџерите се третираат како потрошна роба
Тинејџерот познат како Generalen регрутирал повеќе млади за егзекуции. Меѓу нив бил и Азимов, кој сега служи доживотна казна за убиство на погрешен човек. Ниту еден од убијците не добил пари затоа што биле фатени веднаш. Новинарските истражувања покажуваат дека тоа е дел од стратегијата на бандата — намерно регрутираат сè помлади деца бидејќи тие не размислуваат за последиците, а кога ќе бидат уапсени, бандата заштедува пари бидејќи нема на кого да му плати.
Generalen конечно бил запрен откако се обидел да организира убиство на 14-годишниот син на норвешки полицаец, каде што едно од ангажираните деца се исплашило и пријавило во полиција. Тој сега служи 14 години затвор.
Борбата против застрашувачкиот тренд продолжува
Оперативната група GRIMM досега има спроведено над 280 апсења низ Европа. Меѓу нив е и апсењето на Ахмед (Agent 47) во Ирак, како и на поранешниот рапер Мохамед „Moewgli“ Мохди во Тунис.
Сепак, главниот мозок Рава Маџид и понатаму е недопирлив во Техеран. Полицијата предупредува дека иако има бранови на апсења, овој модел на регрутирање деца за платени убиства веќе брзо се шири низ Скандинавија и Северна Европа, пренесувајќи се и врз други ривалски криминални групи.
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата