Американскиот претседател Доналд Трамп го претстави авионот „Боинг 747“, кој го доби како подарок од Катар, а кој треба да стане идниот претседателски авион. Презентацијата помина во сенка на жестоки критики во јавноста поради прифаќањето на луксузниот авион како подарок.
Американската војска ги заврши модификациите на авионот, чија вредност се проценува на 400 милиони долари.
„Овој авион е претворен во летечка Бела куќа, со ниво на луксуз какво што никој досега нема видено“, изјави Трамп во својот говор во воената база Ендрјус.
Видно воодушевен, Трамп истакна дека новиот авион е „речиси двојно поголем“ од неговиот претходник и дека изгледа уште помоќно на пистата. „Лета подалеку и побрзо од кој било претходен Air Force One“, додаде тој.

Трамп го прифати авионот како подарок од Катар во мај 2025 година, што веднаш предизвика политички бура. Опозицијата го обвини за примање поткуп од странска влада, а Демократите го опишаа целиот договор како „очигледна корупција“. Необичниот подарок отвори сериозни правни и етички прашања во САД.
Трамп експресно ги отфрли критиките, тврдејќи дека би било глупаво да одбие „бесплатен, екстремно скап авион“ бидејќи со тоа се заштедуваат парите на американските даночни обврзници. Критиките ги отфрлија и катарските власти.
Преуредениот катарски авион веќе е пребоен во црвена, бела и темно сина боја, што е целосно отстапување од препознатливата светло-сина и бела шема на бои која со децении се користеше за Air Force One. Авионот во моментов се наоѓа во хангар во базата Ендрјус во близина на Вашингтон, каде што ќе помине низ пробни летови пред формално да биде додаден во претседателската флота.
Трамп претходно изрази желба авионот да влезе во официјална употреба по повод 250-годишнината од независноста на САД на 4 јули. Тој откри дека се надева со ова летало да отпатува во Турција на самитот на НАТО во Анкара на почетокот на јули, а планира со него да лета и на средба во Кина.
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата