Европа мора итно да развие сопствена технологија за вештачка интелигенција и да изгради сопствени центри за податоци доколку сака да избегне целосна технолошка изолација и потчинетост на САД или Кина, предупреди претседателката на Европската централна банка, Кристин Лагард. Според неа, континентот итно има потреба од домашни ВИ-модели кои ќе бидат доволно моќни за да ги задоволат потребите на економијата.
Настапувајќи во Виена, шефицата на ЕЦБ предупреди дека клучниот технолошки развој се случува далеку од Европа. Лагард изнесе поразителни податоци според кои минатата година САД произвеле 59 значајни модели на вештачка интелигенција, Кина 35, додека Франција и Велика Британија развиле скромни по еден модел. Дополнително, дури 75 отсто од светскиот компјутерски капацитет за ВИ се наоѓа во САД, додека Европа располага со едвај 5 отсто.
Според Лагард, Европа е исправена пред суров и неизбежен избор:
– Или ќе се двоумат да го спроведат тоа бидејќи не можат да ги заштитат своите податоци, со што ќе се откажат од економскиот раст, или брзо ќе ја усвојат вештачката интелигенција, ќе станат исклучително зависни и ќе ризикуваат да ја изгубат слободата да ја организираат својата економија според сопствените вредности, предупреди таа.
Лагард нагласи дека доколку Европа масовно инвестира во сопствени капацитети, „заканата од прекин ќе ја изгуби својата сила“, а континент ќе ја зачува сопствената економска и суверена независност.
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата