Градежни работници во Белгија пронајдоа 49 златни полуги и стотици златници вредни околу 10,4 милиони долари (9 милиони евра) додека копале канал за канализација под поранешна пивара во Дендермонде.
Работниот ден прераснал во филмска приказна кога бургијата заглавила во ѕидот од подрумот на вилата од 19 век, која му припаѓала на некогашниот сопственик на пиварата, Теофилус Ван Аше. Прв златото го забележал 18-годишниот студент Кобе, кој работел преку летото. Првично мислел дека гледа обични монети од едно евро, но набрзо сфатиле дека зад ѕидот се крие цело богатство скриено во торба.

Работниците веднаш ја повикале полицијата, а пронајдените златни полуги и историски златници од британскиот викторијански период биле пренесени во безбедносен трезор на сојузните служби.
Сега започнува вистинската мистерија - чие е златото?
Објектот денес ѝ припаѓа на хуманитарната организација CAW Oost-Vlaanderen, која се надева дека дел од средствата ќе завршат кај нив за помош на социјално загрозени лица. Сепак, Обвинителството отвори истрага за да го утврди потеклото на златото и дали тоа е поврзано со старо кривично дело.
Една од претпоставките е дека имотното семејство Ван Аше пред неколку децении го сокрило своето богатство во подрумот. Според белгиските закони, доколку не се појават вистинските наследници и се докаже дека златото нема криминално потекло, за сопственоста ќе се одлучува во граѓанска постапка, каде што награда бараат и самите работници.
Поради веста за откритието, полицијата веќе го обезбедува градилиштето и упати предупредување до сите „ловци на богатство“ да не приоѓаат, бидејќи сите скапоцености се целосно отстранети.
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата