logo
logo
logo

РАЗВОД ВРЕДЕН МИЛИЈАРДА

НАЈСКАПИОТ РАЗВОД ВО ИСТОРИЈАТА НА ЈУЖНА КОРЕЈА - Тајкун ќе и исплати 644 милиони долари на поранешната сопруга

Vecer | 24.07.2026

НАЈСКАПИОТ РАЗВОД ВО ИСТОРИЈАТА НА ЈУЖНА КОРЕЈА - Тајкун ќе и исплати 644 милиони долари на поранешната сопруга

Судски спор што со години ја привлекува јавноста во Јужна Кореја доби нова пресвртница. Шефот на корпоративниот гигант SK Group, Чеј Тае-вон, е осуден на својата поранешна сопруга Ро Со-хјеонг да и исплати 944 милијарди вони, односно околу 644 милиони долари. Случајот кој тамошните медиуми го нарекоа „развод на векот“ повторно го привлече вниманието поради огромната сума, но и поради приказната што стои зад распадот на еден од најпознатите бракови во земјата.

Иако пресудата сe уште не е конечна, износот е значително намален во однос на претходната одлука од 2024 година, кога Чеј требаше да плати дури 1,38 трилиони вони. Правната битка следуваше по распадот на нивниот 35-годишен брак, откако беше откриено дека првиот човек на SK Group има дете со друга жена. Ро Со-хјеонг, инаку ќерка на поранешен јужнокорејски претседател, потоа побара развод, со што започна еден од најследените бракоразводни процеси во историјата на Јужна Кореја.

За време на првото судење во 2024 година, правниот тим на Ро Со-хјеонг успеал да докаже дека Чеј добил значителна финансиска и политичка поддршка од нејзиниот татко, Ро Тае-ву, кој ја извршувал функцијата претседател на Јужна Кореја од 1988 до 1993 година.

Од текстилна компанија до технолошки гигант кој го освојува пазарот со вештачка интелигенција

Случајот ја подели и целосно ја привлече јужнокорејската јавност, пред сe поради огромната моќ и влијание на самиот конгломерат. SK Group е типичен пример за таканаречен „чаебол“ – семејни деловни империи кои имаат доминантна улога во јужнокорејската економија.

Иако започнала како скромна текстилна компанија во 1953 година, SK Group со текот на годините прерасна во втор најголем чаебол во земјата, веднаш зад Samsung.

Денес граѓаните на Јужна Кореја ги користат услугите на мобилната мрежа SK Telecom и точат гориво на нивните бензински пумпи, но глобалниот успех и најголемата експанзија групацијата ја доживеа со брзиот развој на вештачката интелигенција

Нејзината подружница SK Hynix, гигант во производството на полупроводници и клучен снабдувач со чипови за американската компанија Nvidia, во мај ја надмина вредноста од еден трилион долари на домашниот пазар.

Успехот беше заокружен и со неодамнешното излегување на њујоршката берза, каде компанијата собра 26,5 милијарди долари – што претставува најголемо котирање на странска компанија во историјата на САД.

Колку е големо влијанието на ова семејство во Кореја, најдобро покажува податокот дека претседателот на државата Ли Џе-мјунг, неодамна, при претставувањето на големиот национален план за вештачка интелигенција, ги прогласи Чеј и претседателот на Samsung за „херои на јужнокорејскиот народ“, заклучува BBC.

© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата

logo

Vecer.mk е прв македонски информативен портал, основан во 2004 година.

2004-2026 © Вечер, сите права задржани

Сите содржини и објави на vecer.mk се авторско право на редакцијата. Делумно или целосно преземање не е дозволено.

Develop & Design MAKSMEDIA LTD Skopje Copyright © 2004-2026. Vecer.mk