logo
logo
logo

Кардиолозите предупредуваат: Оваа замрзната храна сериозно му штети на срцето

Vecer | 27.01.2026

Кардиолозите предупредуваат: Оваа замрзната храна сериозно му штети на срцето

Разбирањето на влијанието на храната врз здравјето на срцето помага во носењето подобри одлуки кои можат да го намалат ризикот од срцев и мозочен удар, вели Мишел Рутенштајн, диететичарка специјализирана за превентивна кардиологија.

Истражувањата покажуваат дека дури 80 до 90 проценти од кардиоваскуларните болести можат да се спречат со правилна исхрана и здрави животни навики, што јасно укажува колку е важно што секојдневно ставаме на чинијата.

Што покажува нутритивната вредност?

Исхраната богата со влакна, незаситени масти и антиоксиданси се поврзува со подобро здравје на срцето, додека исхраната со висок внес на натриум, заситени масти и додадени шеќери со текот на времето го зголемува ризикот од болести. Проблемот со замрзнатата храна е што фокусот често е ставен на долг рок на траење и засилен вкус, а не на нутритивната вредност. Таквите оброци често содржат големи количини сол и рафинирани јаглехидрати.

Најлошата замрзната храна за здравјето на срцето

Според стручњаците, редовната консумација на замрзната пица не е добар избор за здравјето на срцето, пренесува Parade. Повеќето замрзнати пици содржат големи количини заситени масти, натриум и рафинирани јаглехидрати, како и бројни преработени состојки кои можат да го зголемат нивото на холестерол, крвниот притисок и шеќерот во крвта, дополнително оптоварувајќи го кардиоваскуларниот систем.

Иако замрзнатата пица е брза за подготовка и омилен оброк за многумина, токму тука лежи дел од проблемот. Самата пица не е нужно нездрава, објаснува регистрираната диететичарка Кортни Пелитера. Проблемот е во тоа колку е лесно да се изеде голема количина, што често значи внес на повеќе порции тесто, сирење и додатоци, а да не сме ни свесни за тоа.

Истото го тврдат и други стручњаци. Тоа не значи дека замрзнатата пица треба целосно да се исфрли од исхраната, но нејзината честа консумација може негативно да влијае врз здравјето на срцето. Умереноста е клучна кога станува збор за замрзната пица, нагласува д-р Крис Мор, советник за фитнес и исхрана.

Зошто замрзнатата пица е лоша за здравјето на срцето

Нутритивните вредности на замрзнатите пици јасно покажуваат зошто тие не се поволни за срцето. Главните проблеми се високиот содржај на натриум, заситени масти, рафинирани јаглехидрати и калории.

1. Преголем внес на натриум Многу замрзнати пици содржат меѓу 800 и 1500 милиграми натриум по порција, предупредува Рутенштајн. Прекумерниот внес на сол може да го зголеми крвниот притисок, да предизвика задржување течности во организмот и со текот на времето да ги оштети крвните садови, со што се зголемува ризикот од мозочен удар и други срцеви компликации. Американското здружение за срце препорачува дневниот внес на натриум да не надминува 2300 милиграми, а идеално е околу 1500 милиграми.

2. Висока содржина на заситени масти Заситените масти се уште една причина за претпазливост. Моцарелата на пицата често содржи четири до пет грама заситени масти по порција, истакнува Пелитера. Овие масти можат да го зголемат нивото на лошиот холестерол и ризикот од срцеви заболувања.

3. Преработени додатоци Додатоците како колбаси и феферони дополнително го влошуваат нутритивниот профил на пицата. Станува збор за високо преработено месо богато со сол и заситени масти, кое се поврзува и со зголемен ризик од одредени видови рак, наведува Пелитера. Истражувањата исто така укажуваат на врска помеѓу консумацијата на преработено црвено месо и кардиоваскуларните болести.

4. Рафинирани јаглехидрати Тестото за пица најчесто се прави од бело брашно. Рафинираните јаглехидрати можат нагло да го зголемат нивото на шеќер во крвта, да поттикнат воспалителни процеси и негативно да влијаат врз холестеролот доколку често се консумираат, додава д-р Мор.

5. Премногу калории Честата консумација на замрзната пица лесно може да доведе до прекумерен внес на калории, што поттикнува зголемување на телесната тежина и дополнително го зголемува ризикот за здравјето на срцето.

Како да изберете поздравa замрзната пица

Замрзнатата пица може да биде практично решение, но важно е да се најде рамнотежа помеѓу практичноста и долгорочното здравје. Доколку се одлучите за неа, стручњаците советуваат:

  • избирајте пици со помалку од 600 милиграми натриум по порција,
  • одлучете се за тенка кора или кора од интегрални житарки,
  • дајте предност на зеленчук наместо преработено месо,
  • ако избирате месо, нека биде пилешко на скара,
  • послужете ја пицата со салата за да го зголемите внесот на влакна.

Покрај повнимателниот избор, постојат и практични алтернативи кои нудат сличен вкус со подобра нутритивна вредност. Добра опција е тортиља или тенка лепиња премачкана со доматен сос, со многу зеленчук и малку сирење, предлага д-р Мор. На тој начин го добивате вкусот на пицата со подобра контрола на порциите и помал внес на сол.

© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата

logo

Vecer.mk е прв македонски информативен портал, основан во 2004 година.

2004-2026 © Вечер, сите права задржани

Сите содржини и објави на vecer.mk се авторско право на редакцијата. Делумно или целосно преземање не е дозволено.

Develop & Design MAKSMEDIA LTD Skopje Copyright © 2004-2026. Vecer.mk