logo
logo
logo

ЛЕГАЛНА ДРЕМКА СО БЛАГОСЛОВ ОД ДРЖАВАТА Златните 20 минути што го движат кинеското општество

Vecer | 06.08.2026

ЛЕГАЛНА ДРЕМКА СО БЛАГОСЛОВ ОД ДРЖАВАТА Златните 20 минути што го движат кинеското општество

Додека во повеќето западни земји дремката за време на работното време или часовите е незамислива (и неостварлива), во Кина краткото спиење по ручекот е длабоко вкоренет дел од секојдневието. Попладневниот одмор, познат како wujiao (вуѓиао), се смета за важен за зачувување на концентрацијата, здравјето и работната ефикасност, па не е необично да се видат вработени како по ручекот одспиваат дваесеттина минути во канцеларија, на кревети на расклопување, фотелји или дури и на работната маса. Слична практика постои и во училиштата, каде што учениците веќе со децении за време на долгиот одмор се одмораат пред продолжувањето на наставата.

Традиционално, кинеските ученици спиеле потпрени на училишните клупи, со главата врз прекрстените раце. Меѓутоа, последниве години сè повеќе училишта инвестираат во посебно дизајниран мебел кој им овозможува на децата за време на одморот да легнат во речиси хоризонтална положба. Министерството за образование уште во 2021 година ги повика училиштата, каде што е можно, да обезбедат услови за квалитетен пладневен одмор на учениците, а бројни локални власти покренаа проекти за набавка на нова опрема.

Едно од училиштата што го привлече вниманието на јавноста е Основното училиште „Ѓингуи“ во кинескиот град Енши, во провинцијата Хубеи. Таму учениците за време на паузата за ручек користат посебни маси и столови на расклопување, кои за само неколку моменти се претвораат од обичен училишен мебел во импровизирани кревети.

Со неколку едноставни движења, работната површина и столот се приспособуваат во положба за одмор, па децата можат да легнат и да одспијат наместо, како порано, да ја спуштаат главата на тврдата училишна клупа. По завршувањето на одморот, целата училница исто толку брзо се враќа во вообичаениот распоред и наставата може да продолжи без преместување на мебелот.

Ваквите решенија последниве години забрзано се шират низ Кина. Во градовите како Хангџоу, Ченгду, Вуси, Шенџен и Ѕунји, училиштата воведуваат ергономски столици со потпирачи што се спуштаат, држачи за нозе што се извлекуваат или маси што се претвораат во кревети. Целта е да се намали оптоварувањето на ҆рбетот, вратот и очите, кое настанува кога учениците секојдневно спијат погрбавени над училишната клупа.

Лекарите предупредуваат дека долготрајното спиење со главата на маса може да предизвика болки во вратот, трпнење на рацете поради притисок врз нервите, но и зголемен притисок врз очите. Токму затоа, многу училишта се трудат да им овозможат на учениците за време на одморот да лежат во поприродна положба.

Наставниците од училиштата што први воведоа таков мебел наведуваат дека децата побрзо заспиваат, поквалитетно се одмораат и по паузата се поконцентрирани и поподготвени за продолжување на наставата. Во некои училишта учениците имаат меѓу 30 и 40 минути предвидени исклучиво за одмор, по што следуваат попладневните училишни часови.

Слична култура на одмор постои и на кинеските работни места. Во многу канцеларии, вработените под работните маси чуваат кревети на расклопување, преносливи лежалки или посебни перници, а краткото спиење по ручекот се смета за дел од работната рутина, а не за знак на мрзеливост. Сè повеќе компании дури им уредуваат на вработените посебни простории или капсули за одмор, бидејќи сметаат дека по дваесеттина минути сон ќе се вратат на работа поодморени и попродуктивни.

© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата

Најчитани во последни 7 дена

logo

Vecer.mk е прв македонски информативен портал, основан во 2004 година.

2004-2026 © Вечер, сите права задржани

Сите содржини и објави на vecer.mk се авторско право на редакцијата. Делумно или целосно преземање не е дозволено.

Develop & Design MAKSMEDIA LTD Skopje Copyright © 2004-2026. Vecer.mk