Микропластиката денес е присутна речиси насекаде — во водата, храната, воздухот, па дури и во човечкиот организам. Ново истражување на научниците од Универзитетот „Тексас А&М“ покажа дека полиетиленот, најзастапената пластика во светот, би можел да придонесе за развој на болеста на масна црн дроб (масен црн дроб), особено во комбинација со нездрава исхрана. Сепак, важно е да се нагласи дека истражувањето е спроведено врз глувци.
Полиетиленот чини околу една третина од вкупното светско производство на пластика и се користи за амбалажа за храна, пластични ќеси и фолии, садови за чување намирници и облоги за хартиени чаши за пијалаци. Досега се сметаше за еден од биолошки најмалку активните видови микропластика.
Научниците утврдија дека изложеноста на честички од полиетилен сама по себе ги засилила промените карактеристични за масен црн дроб. Кога тоа било комбинирано со исхрана богата со масти, фруктоза и холестерол, оштетувањата биле уште поизразени.
Микропластиката ја менува активноста на гените
Користејќи современа метода на просторна транскриптомика, истражувачите открија дека микропластиката ја менува активноста на гените во деловите од црниот дроб кои учествуваат во регулацијата на мастите и обновувањето на ткивото. Посебно ги издвоија протеинот PPAR-алфа, важен за метаболизмот на мастите, и генот ANXA2, кој учествува во обновата на оштетеното ткиво.
Авторите истакнуваат дека ова е прво истражување кое покажува како полиетиленот би можел да влијае врз развојот на масен црн дроб, но предупредуваат дека се потребни дополнителни испитувања за да се утврди дали истите ефекти постојат и кај луѓето, како и дали микропластиката придонесува за појава на потешки облици на болеста, како што е фиброзата на црниот дроб.
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата