logo
logo
logo

ПАТРИОТИЗАМ ИЛИ ЧИСТ ПРОФИТ? Приказната за крадецот кој две години ја чуваше Мона Лиза во својот стан

Vecer | 21.08.2026

ПАТРИОТИЗАМ ИЛИ ЧИСТ ПРОФИТ? Приказната за крадецот кој две години ја чуваше Мона Лиза во својот стан

Винченцо Перуџа влезе во историјата бидејќи ја украде Мона Лиза од Лувр на денешен ден во 1911 година. Се работи за Италијанец роден во северна Италија, кој дошол да работи во Париз. Откако ја украдол сликата, се обидел да ја продаде, што ѝ помогнало на полицијата да му влезе во трага и да ја врати сликата во Лувр.

Винченцо се преселил во Париз во 1908 година и набрзо добил работа во музејот. Се занимавал со одржување уметнички дела, па многу брзо дознал сè за целата колекција и набрзо дошол до идеја да ја украде познатата слика.

Најголемиот грабеж на уметничко дело во 20 век

Тој ден во седум часот наутро Перуџа пристигнал во Лувр облечен во бела униформа каква што носеле повеќето вработени во музејот. Почекал Салонот Каре да биде целосно празен, па ја зел сликата. Заштитната рамка ја извадил во конференциската сала и ја сокрил. Потоа ја соблекол својата бела униформа и со неа ја покрил сликата. Ноншалантно исчекорил од музејот и побегнал.

Полицијата го испрашувала двапати, иако во тој момент не бил осомничен. Две години сликата стоела во неговиот стан во Париз, сè до неговото заминување во Фиренца, каде што се обидел да ѝ ја продаде на тамошната галерија. Кога сопственикот на галеријата сфатил за што се работи, ја повикал полицијата, а Винченцо бил уапсен.

Откако јавноста дозна дека сликата е пронајдена по цели две години, популарноста на Мона Лиза отиде до небото. До 1913 година се работеше за само уште една слика што ја ценеа љубителите на историјата на уметноста, но по грабежот на Винченцо беше прогласена за најпознатото уметничко дело, а Лувр забележа зголемување на бројот на посетители.

Според исказот на крадецот Перуџа, тој ја украдол сликата од патриотизам и за доброто на Италија. Сепак, јасно е дека очекувал паричен надомест за продажбата во фирентинската галерија, па не сме сигурни колку таа приказна има смисла.

И покрај тоа, многумина поверуваа во неговата приказна. Винченцо Перуџа беше осуден на една година затвор, а беше пуштен веќе по седум месеци. Неговата приказна често ја носи етикетата „најпознатиот грабеж на уметничко дело во 20 век“.

© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата

logo

Vecer.mk е прв македонски информативен портал, основан во 2004 година.

2004-2026 © Вечер, сите права задржани

Сите содржини и објави на vecer.mk се авторско право на редакцијата. Делумно или целосно преземање не е дозволено.

Develop & Design MAKSMEDIA LTD Skopje Copyright © 2004-2026. Vecer.mk