Православните христијани утре, 27 септември, го одбележуваат Воздвижението на Чесниот Крст – Крстовден, еден од големите христијански празници посветен на Крстот Христов како симбол на верата, жртвата и спасението.
Крстовден е непроменлив празник и секоја година се празнува на истиот датум. Денот е посветен на молитва, покајание и строг пост, без оглед на тоа во кој ден од неделата се паѓа.
Според христијанското предание, празникот се одбележува во спомен на пронаоѓањето на Крстот на кој бил распнат Исус Христос. Пронаоѓањето на Чесниот Крст се поврзува со царицата Елена, мајката на цар Константин.
Преданието раскажува дека при ископувањата во близина на Христовиот гроб биле пронајдени три крста. За да се утврди кој од нив е Христовиот, на нив било положено тело на починат човек, кој оживеал при допирот со еден од крстовите. Тоа било протолкувано како знак дека е пронајден Крстот Христов.
Според црковната традиција, за време на празникот Крстот се поставува во средината на храмот, украсен со цвеќе и босилек, а верниците му се поклонуваат и се потсетуваат на Христовото распетие и жртва.Со Крстовден се поврзани и повеќе народни обичаи и верувања кои се пренесувале низ генерациите.
Во народната традиција, овој ден се поврзува со почетокот на гроздоберот. Според обичајот, првото набрано грозје се носи во црква за да биде осветено, а потоа се дели меѓу членовите на семејството.
Крстовден традиционално се поврзува и со почетокот на сеидбата на зимските житни култури.
Во некои краишта највозрасната жена во домот меси посебен обреден леб со голем крст во средината, кој потоа се дели на семејната трпеза.
Покрај црковното правило за строг пост, во народните верувања постои и обичај на овој ден да се избегнува храна со црвена боја, како домати, пиперки, црвени јаболка и ротквици. На традиционалната трпеза, пак, се среќаваат грозје, печена тиква и обреден леб.
Станува збор за народни обичаи и верувања, кои треба да се разликуваат од црковните правила за постот.
Во народното предание Крстовден се смета за ден со особена духовна сила. Постои верување дека молитвите упатени на овој празник ќе бидат слушнати, а во некои преданија се вели дека ноќта спроти Крстовден е време кога човек треба искрено да се помоли за она што најмногу го посакува.
Суштината на празникот, сепак, останува во молитвата, покајанието и потсетувањето на Христовата жртва.
На овој ден именден празнуваат Крсто, Крстана, Кристо, Кристина, Кристијана и други имиња поврзани со Крстот.
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата