Од детството во Кочанско до олтарот на Хаваи, животниот пат на ѓаконот Серафим, роден како Стојанче, се вкрстува со една од најпознатите мироточиви икони во православниот свет. Денес тој живее среде Тихиот Океан и заедно со отец Нектариј ја придружува Иверската икона на Пресвета Богородица, пред која верници од различни земји доаѓаат со молитва, надеж и сведоштва за исцеление.
Стојанче од Кочанско утехата ја барал во верата пред да стигне во дом за деца без родители во Скопје
Неговото крштено име е Стојанче. Животниот пат на ѓаконот Серафим започнал во околината на Кочани, каде што како дете се соочил со тешки семејни околности.
По разводот на родителите бил испратен да живее кај татко му. Детството, според неговата приказна, било исполнето со насилство и малтретирање, па Стојанче утеха барал во верата и во Бога.
По повеќегодишни обиди преку социјалните служби бил упатен во дом за деца без родители во Скопје. Денес, на другиот крај од светот, служи како ѓакон во црквата посветена на Иверската икона на Пресвета Богородица.
Иконата што никој не ја забележувал, сè додека една вечер не замирисала на рози
Приказната за иконата започнува скромно. Таа е хартиена, залепена на даска, изработена во руската фабрика за црковни предмети „Софрино“. Парохискиот свештеник ја подарил на својот парохијанин летото 2007 година.
Во Америка ја опишуваат како избледена хартиена реплика купена по намалена цена, оставена на полица во канцеларија и заборавена.
Во октомври 2007 година се случило она што самиот Нектариј го раскажал во писмо до својата парохија. Една вечер неговиот мачор почнал необично да шмрка околу аголот со светите мошти. Кога Нектариј го подигнал, ја почувствувал миризмата. Мирисот бил толку силен како илјадници рози одеднаш да ја исполниле собата.
Тој се прекрстил и ја изговорил Исусовата молитва, чувајќи се од прелест. Кога ја допрел Иверската икона, таа била целосно влажна.
Иконата била однесена во црква. Свештеникот ја избришал со памук и веднаш почнал акатист на Пресвета Богородица. По акатистот ја избришал повторно, но таа за време на службата пак замироточила. Свештеникот објавил дека иконите без сомнение мироточат.
Во јуни 2008 година архиепископот Кирил Сан-Франциски и Западноамерикански го призна чудото како вистинско, а иконата и нејзиниот чувар добија благослов да патуваат по православните храмови и манастири.
Од Света Гора до Хаваи: Необичната поврзаност меѓу двете мироточиви икони

Корените на оваа икона водат до Атос. Хавајската икона е реплика на Монреалската Иверска икона, а оригиналната Иверска Богородица сè уште се чува во древниот манастир Ивирон на Светогорскиот полуостров.
Монреалската икона, насликана на Света Гора, точела миро петнаесет години, од 1982 до 1997 година, додека за неа се грижел братот Хозе Муњоз-Кортес. На петнаесетгодишнината од неговата смрт почнала да мироточи хонолулската икона.
Верниците што и се поклониле го опишуваат мирото како маслена супстанција со мирис на рози, која се смета за голем благослов од Мајката Божја. На иконата и се припишуваат многу духовни и телесни исцеленија.
Даниел отпатувал во „Свети Тихон“ во мај 2023 година и таму, пред образот, оздравел
Црковните медиуми бележат бројни сведоштва. Руски православни извори пишуваат за американец по име Даниел. Тој две години страдал од дегенеративна болест на мозокот, која му ги одзела работата, здравјето и времето со семејството.
Во мај 2023 година отпатувал во манастирот „Свети Тихон“ во Пенсилванија за да и се поклони на иконата, и таму пред образот оздравел.
Секоја година за Велигден, иконата на Хаваи обилно мироточи. Самиот ѓакон Серафим напишал дека Мајката Божја повторно ја покажала својата изобилна љубов, дека иконата била натопена со миро од врвот до дното, и дека по Благодатниот оган во Ерусалим ова е можеби второто велигденско чудо што се случува секоја година.
Велигденскиот поздрав го завршил и на хавајски: „Ua ala hou ‘o Kristo!“
Во Стерлинг Хајтс некои патувале 12 часа, а други чекале повеќе од шест часа пред македонската црква

Иконата не е непозната за Македонците, но засега само за оние надвор од татковината. Во Стерлинг Хајтс, Мичиген, илјадници верници од различни јурисдикции патувале со часови до македонската црква „Рождество на Пресвета Богородица“.
Тоа било првпат иконата да гостува во парохија на МПЦ-ОА. Некои патувале и по 12 часа, а некои чекале во ред повеќе од шест часа за да и се поклонат.
Во 2024 година Светиот архиерејски синод на МПЦ-ОА му додели на отец Нектариј орден „Свети Климент Охридски“ од трет степен, за љубовта покажана кон верниците од Американско-канадската епархија со тоа што ја носел чудотворната икона во нивните парохии.
Иконата гостуваше и во македонската црква „Света Петка“ во Рокдејл, Сиднеј, а минатата есен и во Индијана. Таму, со благослов на митрополитот Методиј, илјадници верници дошле да и се поклонат на вечерната и на архиерејската литургија.
Македонските верници во Детроит, Сиднеј и Индијана ја целиваа. Иконата гостуваше и кај соседите: на страницата на здружението на иконата се спомнува дека повеќе од 12.000 Бугари и се поклониле за само три дена.
Во Македонија, според достапните информации, сè уште не е донесена. Ѓаконот што ја придружува е роден токму тука, во Кочанско.
Таблоидите ја нарекоа „слика на Исус од 20 долари“, иако на неа е Пресвета Богородица со Христос Младенецот
Минатиот октомври приказната ја пренесоа и американските и британските таблоиди, со потсмевлив тон. Иконата ја нарекуваа „слика на Исус од 20 долари“, иако на неа е насликана Пресвета Богородица со Христос Младенецот.
Се спомнува и дека локалните луѓе најпрво мислеле дека се работи за влага што ги оштетува евтините материјали.
Одговорот стар повеќе од една деценија го дал првиот сведок, свештеникот Анатолиј Левин. Скептиците не му пречат. Тој го цитира Евангелието дека некои имаат очи, а не гледаат, и уши, а не слушаат, и вели дека понекогаш и самата вера е благослов.
Самиот Нектариј, во првото писмо, не пишуваше како човек што бара слава. Пишуваше со страв, прашувајќи се дали иконата е можеби предупредување. Последните редови од писмото ги посвети на својата мала, сиромашна парохија среде океанот: можеби сите ги заборавиле, но Мајката Божја не ги заборавила.
(Мотика)
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата