Во центарот на Линц, пред еден ресторан, се случило двојно убиство и последователно самоубиство, јавуваат австриските медиуми. Според наводите, сторителот најверојатно е таткото и сопругот на жртвите.
Како што пренесува весникот „Kronen Zeitung“, постар маж (90) пред ресторанот „Лифтнер“ во Линц наводно ги застрелал својата сопруга и ќерка, по што извршил самоубиство. Полицијата соопшти дека не постои понатамошна опасност за населението.
Пукањето се случило околу 13:30 часот. Сведоците во првиот момент помислиле дека се работи за петарди. Интервенцијата на надлежните служби е сè уште во тек.
Според наводите на „Kronen Zeitung“, на пукањето му претходел семеен судир. Полициски извори наведуваат дека оружјето со кое е извршено злосторството е пронајдено на паркингот.
Мотивот најверојатно расправија за наследство
Според информациите на медиумите, мотив би можел да биде спор околу наследство, а пронајдено е и збогумно писмо. На паркингот се поставени паравани и шатори, а подрачјето е широко блокирано. Жителите на квартот Урфар велат дека се во шок и исплашени.
‒ Веќе ме побараа неколку луѓе за да ме прашаат дали сум сè уште жива ‒ рекла една жена.
‒ Имаше многу истрели. Келнерката веднаш побледе и сè заклучи ‒ изјавила 84-годишната Аделхајт С., која во тој момент била во гостилницата.
Таа била пуштена да излезе дури по половина час, но движењето било ограничено. На паркингот се гледала морничава глетка ‒ три безживотни тела.
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата