logo
logo
logo

МЕТЕОРОЛОЗИТЕ АЛАРМИРААТ - Се формира еден од најсилните феномени во историјата, еве што го чека нашиот регион

Vecer | 02.08.2026

МЕТЕОРОЛОЗИТЕ АЛАРМИРААТ - Се формира еден од најсилните феномени во историјата, еве што го чека нашиот регион

Над тропскиот дел на Тихиот Океан забрзано се развива моќен Ел Нињо, кој според моменталните прогнози, при крајот на есента и почетокот на зимата би можел да достигне исклучително висока, па дури и рекордна јачина. Неговото влијание веќе се забележува во атмосферската циркулација, а во текот на есента и зимата би можело сè посилно да ги обликува временските прилики и во Европа, пишува Severe Weather Europe.

Ел Нињо настанува кога површината на екваторскиот дел на Тихиот Океан ќе се загрее над просекот, што потоа го менува распоредот на воздушниот притисок, ветровите и врнежите на голем дел од планетата. Најновите анализи покажуваат изразено топла зона во океанот, додека одделни модели предвидуваат дека температурното отстапување би можело да премине дури три степени над просекот. Доколку се оствари ваквиот сценарио, оваа појава би можела да биде меѓу најсилните откако постојат мерењата.

Влијанието на Ел Нињо врз Европа обично не е толку директно како во регионите кои се поблиску до Тихиот Океан. Промените на европскиот континент често се појавуваат со задоцнување и зависат од други атмосферски фактори, поради што прогнозите за Европа носат поголема доза на неизвесност.

Во текот на јули, над северот на Европа се задржуваше силно поле на висок воздушен притисок. Ваквиот распоред ги засили жештините во западната половина на континентот, додека на истокот и североистокот температурите беа главно околу или под просекот. Почетокот на август носи нешто поинаква слика — над северниот дел од континентот се прогнозира поле на низок притисок, додека висок притисок ќе преовладува над централна, јужна и југоисточна Европа. Ваквиот развој носи натпросечно топло и главно суво време во поголемиот дел од континентот. На северот и северозападот се очекуваат температури околу или под просекот, со почести врнежи од дожд.

Промена се наѕира во втората половина на август. Полето на висок притисок би требало да се помести кон исток, додека влијанието на нискиот притисок од Атлантикот би можело да се прошири појужно, кон западниот и централниот дел на Европа. Тоа би требало да ги врати температурите во овие региони поблиску до вообичаените вредности. На северот би се задржало посвежо време, додека центарот на најголемите жештини постепено би се преместил кон источната половина на континентот.

Прогнозите засега не укажуваат на тоа дека Ел Нињо е единствената причина за временските прилики во Европа. Неговото влијание зависи од тоа каде се наоѓа најтоплиот дел од Тихиот Океан, колку ќе зајакне феноменот и како на тие промени ќе реагира млазното струење. Според сегашните проценки, овогодишниот Ел Нињо припаѓа на типот каде што најсилното загревање е сместено во источниот дел на Тихиот Океан. Ваквите феномени во текот на доцното лето може поспоро да влијаат врз Европа, но доколку Ел Нињо наистина достигне екстремна јачина, неговиот ефект во текот на есента и зимата би можел да се прошири на голем дел од атмосферата на северната хемисфера.

За Европа тоа засега значи продолжување на топлото и суво време во поголемиот дел од август, со посвежи и попреврнежливи прилики на северозапад. Во втората половина од месецот, западот и центарот на континентот би можеле да почувствуваат попуштање на жештините, додека најизразениот топлотен бран ќе се помести кон исток.

© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата

Најчитани во последни 7 дена

logo

Vecer.mk е прв македонски информативен портал, основан во 2004 година.

2004-2026 © Вечер, сите права задржани

Сите содржини и објави на vecer.mk се авторско право на редакцијата. Делумно или целосно преземање не е дозволено.

Develop & Design MAKSMEDIA LTD Skopje Copyright © 2004-2026. Vecer.mk