Многумина можат да имаат ниско ниво на витамин Д во текот на целата година, без да бидат свесни за тоа, што би можело негативно да влијае врз здравјето на нивните коски, општата добросостојба и долгорочното здравство. Истражувањето, објавено во списанието European Journal of Clinical Nutrition, посебно се фокусираше на постарите возрасни лица и откри дека она во што сите верувавме – дека во лето не мора да се грижиме за нивото на витамин Д – не е точно.
Летно сонце
Тестовите, спроведени помеѓу декември 2024 и август 2025 година, опфатија 299 лица: 168 постари од 65 години и 131 возрасно лице од етничките малцинства. Резултатите покажуваат дека 54,8 % од постарите возрасни лица и 72,1 % од возрасните лица од етничките малцинства имале недоволно или дефицитарно ниво на витамин Д. Најинтересно е што овие недостатоци се задржале и во текот на летните месеци, помеѓу јуни и август. На врвот од изложеноста на сонце, повеќе од половина од постарите лица сè уште имале недоволно ниво на витамин Д, а во групата на етничките малцинства ситуацијата била уште полоша: во ниту еден месец од испитувањето, дури ни во летните месеци, процентот на луѓе со недоволно ниво не паднал под 64 %. Затоа, очигледно е, самото летно сонце не е доволно за да се обезбеди соодветно ниво на витамин Д.
Важноста на витаминот Д
Во повеќето западноевропски земји вообичаена пракса е на децата во текот на првата година од животот да им се дава додаток на витамин Д со цел да се спречи рахитис. Меѓутоа, овој микронутриент е неопходен и во текот на возрасниот период за одржување на здравјето на коските, спречување болести како остеопороза и зајакнување на имунолошкиот систем.
– Пораката е едноставна, но многу важна: ако припаѓате на високоризична група, не можете да претпоставите дека поминувањето повеќе време на отворено во лето ќе го реши проблемот – вели Бернард Корф, еден од авторите на студијата.
Зошто летното сонце не помага
Нашата кожа произведува витамин Д кога е изложена на УВБ сончеви зраци. Затоа за недостигот од витамин Д често се размислува исклучиво како за зимски проблем: пократките денови и послабото сонце се причината зошто нашата кожа произведува помалку од овој витамин. Но, оваа нова студија сугерира дека за некои луѓе ситуацијата не станува подобра ниту во лето. За тоа постојат три клучни причини.
Првата е возраста. Како што старееме, нашата кожа станува помалку ефикасна во производството на витамин Д под дејство на сонцето.
Освен тоа, лицата во поодмината возраст неретко минуваат помалку време на отворено, особено поради сè почестите топлински бранови и препораките од лекарите.
Важна е и пигментацијата на кожата. Меланинот, кој ѝ дава боја на кожата, делува како природна заштита од сонцето, блокирајќи ги УВ зраците. Иако тоа може во одредена мера да нè заштити од оштетување предизвикано од сончевите зраци, тоа воедно значи и дека лицата со потемна кожа општо земено имаат потреба од поголема изложеност на сончева светлина за да произведат иста количина на витамин Д како и лицата со посветла кожа.
Симптоми на недостиг:
- Замор и слабост
- Болка во коските
- Болки во мускулите
- Чести инфекции
- Бавно заздравување на рани
- Опаѓање на косата
- Чести промени во расположението
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата