Викендот е добра можност удобно да се сместите и да ѝ се препуштите на серија со мистериозен заплет. Особено привлекуваат приказните што уште од првата епизода нè тераат да се сомневаме во сите ликови, да поврзуваме навидум безначајни детали и да се обидуваме да го погодиме крајот. За оние што планираат викенд-маратон, издвоивме пет серии со интригантни мистерии, непредвидливи односи и доволно пресврти за да го задржат вниманието до последната епизода.

„Совршениот пар“
Венчавка што ветува совршена прослава на луксузен имот на островот Нантакет се претвора во место на злосторство, откако непосредно пред церемонијата на брегот е пронајдено тело. Невестата Амелија требало да стане дел од едно од најбогатите семејства во тој дел од Америка. Наместо свадбена веселба, почнува истрага за убиството на нејзината деверуша Мерит, а речиси сите присутни стануваат можни осомничени.
Во средиштето на приказната е семејството Винбери, чии членови грижливо го штитат својот углед, но и многубројните тајни. Разговорите на полицијата со гостите постепено откриваат дека зад блескавата слика за нивниот семеен живот се кријат љубомора, конфликти и односи далеку од идеални. Никол Кидман, Лив Шрајбер и Ив Хјусон ги толкуваат главните улоги во оваа екранизација на романот на Елин Хилдербранд. Мини-серијата е добар избор за љубителите на мистерии сместени во раскошна средина.
„Оддел Кју“
Приказната во „Оддел Кју“ се врти околу исчезнувањето на една политичарка, случај што со години останува нерасветлен. Иако се верувало дека Мерете Лингард е мртва, никогаш не било целосно утврдено што ѝ се случило. Нејзиното исчезнување повторно го привлекува вниманието кога новоформираниот полициски оддел за нерешени случаи решава да го отвори токму овој предмет.
Истрагата ја презема детективот Карл Морк, кој по трауматично искуство во полициска акција добива задача да раководи со новиот оддел. Со необичен тим соработници, тој ги следи трагите што водат до луѓето поврзани со исчезнатата политичарка. Секое ново откритие покажува дека зад случајот се крие многу посложена приказна од онаа на која првично се сомневале.
„Девојката“
Што се случува кога една мајка се сомнева дека партнерката на нејзиниот син е вистинскиот избор за него? Од ова прашање тргнува психолошкиот трилер „Девојката“. Навидум совршениот живот на Лора Сандерсон се менува кога нејзиниот син Даниел ја запознава со својата нова девојка, Чери. Лора е успешна, остварена жена, навикната да ги држи работите под контрола. Но уште при првата средба со Чери забележува ситници што ѝ будат сомнеж. Убедена дека девојката нешто крие, почнува да го истражува нејзиното минато. Чери, пак, нема намера да ѝ дозволи лесно да ја отстрани од животот на Даниел.
Она што ја издвојува серијата е раскажувањето од гледна точка на двете жени. Поради тоа, гледачот постојано се прашува кому да му верува и дали ја гледа целата вистина. Робин Рајт и Оливија Кук се особено впечатливи во главните улоги, а шесте епизоди ја прават оваа напната приказна погодна за гледање во еден викенд.
„По гробишниот пат“
Експлозија во мирно предградие на Оксфорд предизвикува низа настани што ќе им ги променат животите на луѓето во соседството. По инцидентот исчезнува девојче, а неговата сосетка Сара Трафорд станува опседната со потрагата по одговори. За да ја дознае вистината, ѝ се обраќа на приватната детективка Зои Бем. Таа го прифаќа случајот, но набргу сфаќа дека не станува збор за обично исчезнување.
Истрагата ги води до сложена мрежа од тајни и заговор чии размери се многу поголеми од очекуваното. Со секоја нова трага станува појасно дека некои луѓе од минатото можеби не исчезнале онака како што се верувало. Ема Томпсон и Рут Вилсон ги носат главните улоги во оваа британска мистерија, снимена според романот на Мик Херон.
„Претпоставено невин“
Главниот лик во оваа криминалистичка драма е обвинителот Расти Сабич, чиј живот се менува од корен.
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата