Поимот „mogging“ – популаризиран на социјалните мрежи, а означува „засенување“ (на некого, првенствено преку сопствениот изглед), е прогласен за „Збор на годината“ за 2026 година од страна на „Колинсовиот речник“ (Collins Dictionary).
Се верува новиот збор дека потекнува од кратенката АМОГ („алфа-мажјак во групата – Alpha Male of the Group“), којашто се појави околу 2016 година во културата на бодибилдингот, пред да биде преземен од групите за права на мажите. Денес, терминот го користат главно помладите генерации, често во разигран или саркастичен тон, за да опишат некој што смета дека е поатрактивен, поубав или „покул“ од другите. Филип Линдзи, наставник и креатор на содржини, своевремено го објасни овој тренд за порталот „Тудеј“ (Today).
-Суштината на ’mog‘, ’mogged‘ или ’mogging‘ е да се остави впечаток на супериорност во однос на некој друг, особено во физичка или естетска смисла, изјави Линдзи во едно од своите видеа. – Денес, можете да ги „засените“ (mog) другите, да бидете опишани како „mog“ – некој со изглед или вештина без конкуренција, или пак, да бидете „засенети“ (mogged), што значи дека некој целосно ве засенил. Поимот е создаден од онлајн-групи кои промовираат „токсична машкост“, појасни тој.
Според „Колинс“, којшто ја следи употребата на јазикот на социјалните мрежи и во медиумите, употребата на овој термин во 2026 година пораснала за 210 отсто.
-Ова е одличен пример за тоа како „Генерацијата Зед“ (родени меѓу крајот на 1990-тите и 2010 година) и „Генерацијата Алфа“ (родени по 2010 година) го презеле овој збор и го претвориле во хумористичен жаргон, присвојувајќи го и шегувајќи се со нас, изјави извршниот директор на „Колинс“, Алекс Бикрофт.
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата