Рускиот претседател Владимир Путин за време на еден од состаноците со специјалните пратеници на САД му покажал досие од државниот архив во кое детално е опишан партизанскиот отпор на дедото на Џаред Кушнер против нацистите за време на Холокаустот, пренесува „Дејли бист“. Зетот на американскиот претседател Доналд Трамп ваквиот гест на шефот на Кремљ го протолкувал како суптилен дипломатски сигнал кој потсетува на историската заедничка борба на Русија и Соединетите Американски Држави против нацизмот.

Осврнувајќи се на преговорите за Украина, Кушнер, кој делува како специјален пратеник на претседателот на САД, оцени дека главен резултат од решавањето на конфликтот ќе биде обновата на релациите меѓу Русија и Европа. Тој истакна дека „главната награда“ не е самото окончање на војната, туку „нов почеток во односите меѓу Русија и Европа, во кои нема да ја има таа постојана агресија“, додавајќи оти тоа би можело да отвори пат луѓето мирно да живеат и заеднички да соработуваат на економски план.
Во рамки на овие дипломатски контакти, на 12 ноември во Кремљ се одржа средба меѓу Путин, Кушнер и другиот специјален пратеник на Белата куќа, Стив Виткоф. Рускиот претседател на состанокот предложил организирање хуманитарна мисија во Константиновка по примерот на операцијата во Аљошки, додека помошникот на рускиот претседател Јуриј Ушаков разговорите ги оцени како содржајни, конструктивни, отворени и корисни.
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата