Анализа на „Економист“

ЗАД КУЛИСИТЕ НА САМИТОТ ВО ШЕНЖЕН - Се формира ли нова „ВОЕНА ОСКА“?

Vecer | 24.11.2026

ЗАД КУЛИСИТЕ НА САМИТОТ ВО ШЕНЖЕН - Се формира ли нова „ВОЕНА ОСКА“?
Додај го Вечер како твој извор на Google (се отвора во нов таб)

Средбата меѓу Доналд Трамп, Си Џинпинг и Владимир Путин во Шенжен во јавноста се споредува со историската средба на Винстон Черчил, Френклин Рузвелт и Јосиф Сталин на Јалта во февруари 1945 година, но всушност меѓу нив нема никаква сличност бидејќи состанокот во Кина послужи првенствено за фотографирање и тешко дека ќе донесе суштински резултати, се наведува во геополитичката анализа на „Економист“.

Според авторот, Трамп по слабите резултати на изборите за Конгресот на средината од мандатот сакал пред телевизиските камери да остави впечаток на силен лидер, Путин настојувал да се прикаже во друштво на вистинските светски велесили и покрај долгогодишниот воен неуспех во обидот да го освои помалиот сосед, додека Си Џинпинг настапил како великодушен домаќин кој во својата резиденција ги пречекува меѓусебно раскараните лидери, држејќи се строго до однапред подготвено сценарио без простор за импровизациите на американскиот претседател.

Вистинската геополитичка приказна, сепак, се одвива во заднина преку сè подлабоката неформална соработка меѓу Кина, Русија, Иран и Северна Кореја, феномен на кој уште во 2018 година предупреди првиот министер за одбрана на Трамп. Иако не станува збор за формален сојуз, а државите меѓусебно драстично се разликуваат, Кина е економски и технолошки гигант, Русија е економија со средна големина, додека Иран и Северна Кореја се економски џуџиња; Иран е теократија со нејасна структура на моќ, додека во Пекинг, Москва и Пјонгјанг владее еден човек, сите четири режими делат ист темелен интерес: сакаат свет во кој автократите ќе бидат безбедни на власт, потпирајќи се на меѓусебна помош додека Вашингтон ја слабее сопствената мрежа на сојузништва.

Највидливиот сегмент од ова поврзување е во воената сфера: Русија ги разорува украинските градови со помош на иранска технологија за беспилотни летала и кинески компоненти, додека иранските инженери на терен проучуваат како Москва ги усовршува нивните конструкции. Северна Кореја испрати околу 16.000 војници да се борат на руска страна во замена за пари и воена технологија, додека Кина, иако се воздржува од директна воена помош, собира големи количества борбени податоци за ефикасноста на руските дронови, што се драгоцени сознанија за сила што не водела сериозен конфликт уште од 1979 година. Истовремено, проектилите што Иран ги насочува кон американските сили во Персискиот Залив можат брзо да се лансираат благодарение на кинески хемиски суровини за цврсто ракетно гориво, а прецизно ги погодуваат целите со помош на руски разузнавачки информации и кинески сателитски податоци.

Паралелно се продлабочува и економската и дипломатската спрега: трговијата со Кина и кинеските платни системи ги одржуваат економиите на останатите три држави и овозможуваат заобиколување на западните санкции, при што повеќе од 95 отсто од трговската размена меѓу Русија и Кина денес се одвива во јуани или рубљи (во споредба со 25 отсто пред пет години). Руската нафта се извезува во Кина и Северна Кореја, а иранската завршува во Кина преку таканаречената „флота во сенка“ која од 2022 година пораснала за дури 1.500 отсто, додека севернокорејски работници го пополнуваат недостигот на работна сила во руските фабрики. На меѓународната сцена, овие земји усогласено гласаат во Обединетите нации користејќи го руското и кинеското вето, а нивните пропагандни апарати меѓусебно ги засилуваат наративите за поткопување на западните демократии.

Иако интересите на оваа четворка често се разминуваат, Кина оствари огромен напредок благодарение на глобализацијата и не сака целосен хаос или поширока војна во Европа што би ѝ го загрозила извозот, ниту пак високи цени на нафтата од судирите на Блискиот Исток, Пекинг гледа стратешка предност во тоа што американските носачи на авиони и западните ресурси се врзани за Персискиот Залив и Украина наместо за Пацификот и Тајван. Како што Путин ги продлабочува врските со Пјонгјанг, така и Кина сè помалку ги критикува севернокорејските нуклеарни провокации, што Ким Џонг Ун вешто го користи за да извлече максимум од двата сојузника. Повлекувајќи паралела со неформалната соработка меѓу фашистичка Германија, Италија и Јапонија во 1930-тите години, во анализата се предупредува дека при евентуална кинеска инвазија на Тајван, Русија, Иран или Северна Кореја би можеле истовремено да отворат кризни жаришта на други точки во светот или во сајбер-просторот користејќи сè помоќни алатки на вештачка интелигенција, поради што западните демократии мора сериозно да ја препознаат оваа опасност.

© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата

Најчитани во последни 7 дена

Vecer.mk е прв македонски информативен портал, основан во 2004 година.

2004-2026 © Вечер, сите права задржани

Сите содржини и објави на vecer.mk се авторско право на редакцијата. Делумно или целосно преземање не е дозволено.

Develop & Design MAKSMEDIA LTD Skopje Copyright © 2004- 2026. Vecer.mk