Изјавата што ја даде американската амбасадорка во Грција, Кимберли Гилфојл, предизвика вистинска политичка бура во Атина и отвори сериозни прашања за задниот дипломатски притисок што Вашингтон го врши врз своите европски сојузници.
Според извештајот на угледниот „Волстрит Журнал“, сè се одиграло за време на приватна вечера во Атина одржана во март, на која присуствувале грчки и американски функционери. Кога разговорот се насочил кон политичката криза и ненадејниот колапс на владата во Романија, Гилфојл наводно испалила директна и шокантна порака: „Можеме да го направиме тоа во која било земја што сакаме. Можеме да го направиме тоа и овде.“
На овие тешки зборови веднаш реагираше грчкиот министер за животна средина и енергетика, Ставрос Папаставру, кој оштро ѝ одбрусил, истакнувајќи дека Соединетите Држави не можат да ја менуваат грчката влада бидејќи неа на избори ја избрале исклучиво грчките гласачи.
Процури видео од таен состанок во хотел
Позадината на оваа закана доби целосно нова димензија откако во јавноста се појави видеозапис кој ја прикажува Кимберли Гилфојл на таен, приватен состанок со лидерите на романската Социјалдемократска партија (ПСД). Средбата се одржала на 31 март во луксузен хотел во Букурешт.
Само шест дена по тој сомнителен сусрет, социјалдемократите влегоа во сојуз со десничарската партија АУР и поднесоа барање за гласање недоверба, со што беше успешно срушена романската влада на премиерот Илије Болојан.
Како што пренесуваат романските медиуми, паднатата влада се спротивставувала на купувањето на американски течен природен гас (ЛНГ) по цени кои биле значајно повисоки од реалните пазарни. Со тоа, се потврдија темните сомневања дека отпорот кон скапиот американски енергенс бил директен повод за режираниот пад на власта во Букурешт – заднина која сега, по скандалозната изјава во Атина, фрла сериозна сенка врз американското влијание во Европа.
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата