Потрагата по легендарната Ноева арка доби неочекуван и интригантен пресврт. Во центарот на вниманието сега се најде речиси 440 години стара мапа на светот која, според поединечни истражувачи, го прикажува токму подрачјето на кое денес се трага по остатоците од библиското пловло. Мапата ја изработил италијанскиот племиќ и картиограф Урбано Монте уште во 1587 година.

Кога сите 60 посебно нацртани листови ќе се сложат во целина, се добива голема кружна мапа со дијаметар од речиси три метри, преполна со детали за континенти, бродови, митски суштества и тогаш сè уште непознати краеви. Сепак, еден детаљ особено привлече внимание – мал, но впечатлив приказ на Ноевата арка како почива на планините Арарат, токму во подрачјето на денешна Турција каде што современите истражувачи интензивно бараат траги од бродот. Овој приказ дополнително се поврзува со т.н. формација Дурупинар, необичен објект во форма на брод во близина на Арарат, пренесува „Дејли мејл“.

Независниот истражувач Џими Корсети ја објави снимката од мапата, укажувајќи на совпаѓањето на положбата со локалитетот Дурупинар. Иако самата мапа не е цврст доказ, таа повторно ги разгоре дебатите. Меѓународен тим што ја проучува формацијата тврди дека истражувањата доведуваат во прашање тврдењето оти станува збор само за природен геолошки феномен.
Ендрју Џонс, основач на организацијата „Noah's Ark Scans“, наведува дека прелиминарните радарски скенирања под површината покажале слоеви со богати органски материјали на длабочина од околу 18 метри, за кои се верува дека може да претставуваат остатоци од горните слоеви на Арката. Иако истражувачите најавуваат нови лабораториски анализи на земените примероци, научната јавност сè уште е претпазлива, нагласувајќи дека сè уште нема независно потврден доказ дека станува збор за вистинската Ноева арка.
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата