„Асертивноста е вештина потребна за соочување со предизвиците како врсничко насилство, притисок од околината и меѓусебна расправија. Оваа вештина на децата им овозможува самоуверено да ги изразат своите потреби, да постават граници, но без агресивност“ – вели детскиот психолог Ен Луис Локхарт за HuffPost.
Според психолозите, асертивноста е важно да се научи во детството за потоа детето да може да ја применува во тинејџерските години или зрелоста, таа му помага на детето отворено да ги изразува своите емоции без да ги потиснува, а со тоа да создава и поздрави односи, како во приватниот така и во професионалниот живот.
Еве пет примери на кои родителите би можеле да ги научат децата.
„Не ми се допаѓа тоа! Те молам, престани“!
Со оваа едноставна и јасна фраза детето веднаш поставува граница. Детето ги препознава своите емоции, ја задржува сопствената перспектива без да обвинува и да засрамува други деца. „Те молам, престани“ е цврсто барање одредено однесување да престане.
„Тоа не е во ред“
Оваа фраза е моќна токму поради едноставноста. Одржува смирен тон, но одлучен, што ги зголемува шансите другите да ја почитуваат нивната граница и да го прилагодат своето однесување.
„Не, фала“
Кога детето е под притисок или обвинение дека нешто одбива, додатокот „фала“ на крајот може да помогне во одржување на границата и задржување на почитта.
Оваа фраза ја намалува веројатноста другата личност да реагира одбранбено, и делува како потсетник дека никому не должите објаснување кога го штитите своето време, енергија или граница.
„Попрво би пробал/а нешто друго“
Оваа фраза ги учи децата дека при одбивање непријатна ситуација, може да се предложат алтернативи.
„Не сакам да го правам тоа. Ако сакаш да правиш нешто друго, јави ми“ – Со оваа фраза, детето јасно поставува граница, но и дава до знаење дека е отворено за други опции.
„Ми треба време да размислам“
Ако детето се соочува со притисок од врсниците да донесе импулсивна одлука, оваа фраза покажува дека носи промислени и свесни одлуки.
Велејќи „Ми треба...“, децата ги ставаат своите потреби во фокусот и ја избегнуваат обврската да одговорат веднаш.
„Го почитувам твоето мислење, но мислам дека...“
Со оваа фраза детето го почитува туѓото мислење, но истовремено има можност да го изрази своето.
„Извинете, би сакал/а“
Оваа фраза им овозможува на децата да научат љубезно и самоуверено да ги изразат сопствените потреби и да замолат за помош. Друг пример може да биде: „Ве молам, може да ми помогнете“?
Како родителите може да ги подучат децата да ги користат овие фрази?
Освен фразите предложени од психолозите за детски развој, тие советуваат како родителите да успеат во својата замисла:
Избегнувајте фрази што ги минимизираат детските чувства.
Разговарајте за ситуации од секојдневниот живот на вашето дете.
Играјте улоги, смислувајте ситуации.
Бидете пример со своето однесување.
Извор: www.index.hr
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата