logo
logo
logo

ПЛАНИРАТЕ ДА ЗЕМЕТЕ КУЧЕ? Шест клучни работи на кои треба да внимавате

Vecer | 15.10.2026

ПЛАНИРАТЕ ДА ЗЕМЕТЕ КУЧЕ? Шест клучни работи на кои треба да внимавате

Одлуката да земете куче претставува голема животна промена која бара сериозно размислување. За да изберете раса што одговара на вашиот животен стил, важно е да си ги поставите вистинските прашања уште пред кученцето да пристигне во вашиот дом. Секое куче има уникатен карактер, ниво на енергија и специфични потреби, а многу идни сопственици, занесени од почетната возбуда, ги занемаруваат клучните фактори. Ветеринари и дресери на кучиња даваат совети како да донесете информирана одлука, пишува „Пет хелпфул“ (Pet Helpful).

Првиот чекор е реална проценка на сопствените можности и проверка дали вашето секојдневие соодветствува со потребите на кучето. Сали Гротини, која 30 години се занимава со дресура и однесување на кучиња, и Кејтлин Аземар, сертифициран дресер од организацијата „Догтопија“, издвоија шест клучни прашања што мора да си ги поставите. Одговорите на нив ќе ви помогнат да процените дали сте подготвени за куче и да го изберете вистинскиот миленик за вас.

1. Колку време навистина имате за вашето куче?

На сите кучиња им се потребни физичка активност и дресура, но на некои повеќе отколку на други. За повеќето кучиња се доволни секојдневни прошетки и физичка активност, но точниот обем зависи од возраста, здравствената состојба, расата и нивото на енергија. За младо и умерено активно куче, две прошетки дневно во времетраење од 30 до 60 минути можат да бидат доволни.

Од друга страна, многу енергичните раси, како што се овчарските или спортските кучиња, имаат потреба од значително повеќе движење и интензивни активности, како што се трчање, планинарење или пливање. За кученцата се посоодветни пократки, но почести прошетки, додека постарите или помалку активните кучиња ќе бидат задоволни со лежерна прошетка низ соседството. Не заборавајте да го предвидите и времето потребно за дресура. Ако имате кученце или куче кое нема поминато основна обука, веројатно ќе треба да посетувате курсеви, а наученото ќе треба да го вежбате и дома, преку неколку кратки сесии секој ден.

Кога ќе го соберете времето потребно за физичка активност и работа со кучето, тоа станува сериозна секојдневна обврска. Аземар истакнува дека, доколку не можете да издвоите доволно време за вежбање и дресура, ќе мора да најдете други начини за да го одржите кучето среќно. Сопствениците кои се вработени можат да ги користат услугите на дневни центри за кучиња или лица кои шетаат кучиња, но таквите услуги повлекуваат и дополнителни трошоци.

2. Дали можете финансиски да си дозволите куче?

Набавката и одржувањето на куче не се евтини. Некои раси чинат стотици евра уште на самиот почеток, а поседувањето куче подразбира целосна грижа, па трошоците брзо растат. „Да се има куче е прекрасно, но кој и да вели дека тоа е поевтино од дете – лаже. Не го велам ова за да ги одвратам луѓето од куче, туку за да разберат за каква обврска станува збор“, вели Аземар.

Трошоците за редовна ветеринарна грижа се значајна ставка. На секое куче му се потребни прегледи, вакцинации, грижа за забите, како и заштита од болви, крлежи и внатрешни паразити. Вистинскиот финансиски предизвик се непредвидените ситуации. „Дали сте заштедиле неколку стотици евра за итна операција, доколку се случи нешто?“, прашува Аземар.

За да не ве затекне неподготвени некоја ненадејна болест или повреда, препорачливо е да размислите за осигурување на миленичето веднаш по неговото вдомување. Друга опција е секој месец да издвојувате одредена сума за планирани и итни медицински трошоци; важно е да бидете доследни, за средствата да бидат достапни кога ќе затребаат.

3. Колку сте активни?

Гротини ги советува идните сопственици реално да го проценат сопственото ниво на активност. Дали сте спортски тип кој бара партнер за трчање или претпочитате побавно темпо? Некои раси се исклучително енергични, па ако вие не сте такви, подобро е да изберете куче со ниско или умерено ниво на енергија, кое ќе биде задоволно со неколку кратки прошетки.

Кога потребите на кучето се совпаѓаат со вашите, грижата за него претставува задоволство, а не обврска. „Луѓето треба да изберат раса според својот моментален животен стил“, напоменува Аземар. „Сите мислат дека кучето ќе ги мотивира да поминуваат повеќе време надвор и да станат поактивни. Тоа понекогаш е точно, но во повеќето случаи навиките се менуваат многу тешко.“

4. Колку време сакате да посветувате на негата на влакното?

Видот на крзното одредува колку често кучето ќе треба да се четка, колку ќе се линее и дали ќе бидат потребни редовни посети на салон за разубавување миленици. Многу луѓе сакаат куче кое не се линее, но не сфаќаат дека таквото крзно бара секојдневно четкање и чести посети на салон за кучиња. „Дали можете да си дозволите професионално средување на кучето?“, прашува Гротини. Овие трошоци можат да бидат високи, во зависност од расата, големината на кучето и зачестеноста на третманите.

Можете да научите сами да го средувате вашето куче, но тоа бара почетна инвестиција во опрема. Учењето самостојно, преку книги и видеа, може да биде предизвик и не е за секого. Многу кучиња, вклучително и раси со кратко или долго крзно, имаат влакно што е лесно за одржување, иако потребите за четкање и капење се разликуваат од куче до куче.

5. Дали имате безбеден двор?

Големината и безбедноста на вашиот двор се важни фактори при изборот на куче. Ако живеете во стан или куќа без двор, можеби е подобро да размислите за помали раси. Секако ќе мора да ги шетате, но многу помали кучиња живеат среќно и без сопствен двор. Сепак, дури и поголемите кучиња можат добро да функционираат во стан, доколку сте подготвени да им обезбедите доволно физичка активност и ментална стимулација.

Постои уште една практична причина за оградата: некои засолништа и здруженија одбиваат вдомување кучиња во семејства кои немаат ограден двор. Ако вашиот двор не е ограден, размислете за поставување ограда пред да го започнете процесот на вдомување, бидејќи тоа може да ја поедностави постапката.

6. Дали имате мали деца?

Децата и кучињата можат да бидат одлични пријатели, но важно е да се земе предвид нивната возраст. Гротини истакнува дека многу малите деца понекогаш не знаат како нежно и со почит да се однесуваат кон кучето. Родителите мора внимателно да ја надгледуваат секоја интеракција, но сепак, важен е и изборот на расата. Ако имате деца помали од пет години, добро размислете пред да земете куче од минијатурна раса, бидејќи таквите кучиња се кревки и лесно можат да се повредат за време на детската игра.

Понатаму, плашливите или нервозните кучиња генерално не се добар избор за семејства со бучни и енергични деца. Од друга страна, многу големите и силни кучиња би можеле случајно да ги турнат или исплашат најмалите. За семејство со мали деца, идеалното куче е она со цврста градба – но не премногу големо – кое има разигран, а сепак мирен и толерантен темперамент.

© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата

Најчитани во последни 7 дена

logo

Vecer.mk е прв македонски информативен портал, основан во 2004 година.

2004-2026 © Вечер, сите права задржани

Сите содржини и објави на vecer.mk се авторско право на редакцијата. Делумно или целосно преземање не е дозволено.

Develop & Design MAKSMEDIA LTD Skopje Copyright © 2004-2026. Vecer.mk