Индиската сојузна полиција поднесе обвинение против сопругот и свекрвата на 33-годишната манекенка и актерка Твиша Шарма, која на 12 мај беше пронајдена мртва во својот дом во Бопал, само пет месеци по нејзината свадба. Нејзината смрт предизвика голем медиумски интерес поради противречните информации за тоа дали станува збор за убиство или за самоубиство.
Централното истражно биро (CBI) ги товари нејзиниот сопруг Самарт Синг, кој е адвокат, и неговата мајка Гирибала Синг, пензионирана судијка, за поттикнување на самоубиство и свирепост. Двајцата ги отфрлија сите обвиненија, но веднаш по настанот беа уапсени и се наоѓаат во притвор.
Психичко мачење и присилен абортус
Во обвинителниот акт на 600 страници се наведува дека поради континуирано психичко мачење и навреди од страна на сопругот и свекрвата, жртвата немала друг избор освен да си го одземе животот. Истрагата покажа дека Самарт по сообраќајната несреќа и свадбата постојано ја мачел сопругата, а по нејзината смрт одредено време бил и во бегство.
Семејството на починатата актерка тврди дека таа била изложена на физичко и психичко мачење поради барања за мираз, како и дека во април била принудена да го прекине бременоста. Според нивните изјави, сопругот и свекрвата се сомневале во нејзиниот морал, тврделе дека носи туѓо дете и ја принудиле на абортус во мај.
Обвинувања за дискредитација на жртвата
Од друга страна, одбраната на обвинетите тврди дека Твиша имала проблеми со менталното здравје и дека самата инсистирала на абортус бидејќи не сакала деца.
Случајот предизвика дополнителен револт во јавноста откако пензионираната судијка Гирибала Синг на прес-конференција ја опиша својата покојна снаа како „либерална“ и ја обвини за „промискуитет“, што од страна на таткото на Твиша беше оценето како брутален обид за постхумна дискредитација на неговата ќерка. Полициската истрага за случајот сè уште е во тек.
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата