logo
logo
logo

Денеска започнува Петровденскиот пост

Vecer | 08.06.2026

Денеска започнува Петровденскиот пост

За православните христијански верници кои се водат според Јулијанскиот календар, денеска започнува Петровденскиот пост, посветен на светите апостоли Петар и Павле, и кој претходи на празникот Петровден, што се одбележува на 12 јули.

Должината на Петровденскиот пост зависи од датумот на Велигден, поради што неговото траење варира – од една седмица и еден ден, па сè до околу шест недели. Тој започнува по празникот Педесетница (Духовден), кој е подвижен празник и зависи од Велигден.

Постот е еден од четирите повеќедневни пости во Православната црква – Велигденскиот, Петровденскиот, Богородичниот и Божиќниот пост.

Неговата цел, според црковното учење, е духовно и телесно прочистување. Телесниот пост подразбира воздржување од храна од животинско потекло, додека духовниот пост подразбира воздржување од лоши мисли, зборови и дела, како и практикување покајание и љубов кон Бога и кон луѓето.

Петровденскиот пост има корени во раната историја на Црквата и е поврзан со подготовката на верниците за мисионерската служба на апостолите. Според црковното предание, тој бил воспоставен како духовно продолжување на празничниот период по Пасха, со цел засилување на духовниот подвиг.

Според црковните правила, постот е поблаг во однос на Великиот пост: во понеделник, среда и петок се практикува строг пост, во останатите денови е дозволена употреба на масло, додека за викендите е дозволена и риба. Во одредени празнични денови се применуваат ублажувања на постот, а дополнителни олеснувања се предвидуваат и за семејни празнувања, со благослов на духовник.

Постот завршува на 12 јули, на празникот на светите апостоли Петар и Павле (Петровден).

© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата

logo

Vecer.mk е прв македонски информативен портал, основан во 2004 година.

2004-2026 © Вечер, сите права задржани

Сите содржини и објави на vecer.mk се авторско право на редакцијата. Делумно или целосно преземање не е дозволено.

Develop & Design MAKSMEDIA LTD Skopje Copyright © 2004-2026. Vecer.mk