Српскиот државјанин (61), кој е повреден откако делови од моторот што се откачил за време на летот го скршиле прозорецот, по што декомпресијата го „всмукала“ до рамената, се здобил со повреди на вратот и рамената, јавуваат грчките медиуми.
Претседателот на Панхеленската федерација на вработени во јавните болници, Михалис Јанакос, изјави дека повредениот Србин исто така се лекува и од изгореници настанати од триењето на воздухот, како и дека е во состојба на шок, но целосно свесен.
Повредениот е пренесен во болница за укажување медицинска помош, додека останатите патници се во добра здравствена состојба, и покрај силниот шок што го преживеале.
Авионот на „Рајанер“ претрпел сериозни оштетувања
Грчкиот портал „Њуз бист“ објави ексклузивни снимки од моторот и од авионот по морничавиот инцидент што се случи вчераутро на летот на авиокомпанијата „Рајанер“, кој полетал од аеродромот „Македонија“ во Солун кон германскиот град Меминген.
На фотографиите се гледа дека моторот на авионот претрпел сериозни оштетувања, што дополнително ја потврдува драматичноста на ситуацијата низ која поминале патниците и екипажот, пренесува „Јуроњуз“.
Сè почнало неколку минути по полетувањето. Додека авионот бил во фаза на качување, се случил страшен инцидент – прозорецот на кабината бил оштетен, што предизвикало ненадејна декомпресија, а 61-годишниот маж, државјанин на Србија, буквално почнал да биде влечен нанадвор. Уплашените патници, а особено неговата сопруга, го држеле со сета сила за воздухот да не го повлече во празнината. На висина од околу 6.000 метри, на која се наоѓал авионот на „Рајанер“, притисокот бил доволен целосно да ги извлече патниците во атмосферата – и денес да зборуваме за трагедија.
Благодарение на брзата реакција на сопатниците и екипажот, мажот бил вратен во кабината, но се здобил со повреди на вратот и рамената. За неколку секунди се активирале маските со кислород, а капетанот прогласил вонредна состојба и веднаш се вратил на аеродромот во Солун, каде авионот безбедно слетал.
Покрената е истрага
Според првичните информации, се испитува можноста прозорецот да бил погоден од дел од моторот кој се одвоил, иако тоа сè уште не е официјално потврдено.
Надлежните воздухопловни и истражни органи покренаа истрага за да ги утврдат точните причини за инцидентот – дали декомпресијата била предизвикана од дефект на материјалот, оштетување на моторот или некој друг технички проблем.
Се работи за исклучително редок, но особено сериозен воздухопловен настан, кој можел да прерасне во трагедија доколку ја немало брзата и присебна реакција на екипажот и патниците.
Важно е да се напомене дека патниците изјавиле за медиумите дека за време на полетувањето се слушнала невообичаена бучава, што пилотите го забележале, поради што авионот не продолжил да забрзува и да се качува на поголема висина. Во спротивно, последиците би можеле да бидат сосема поинакви.
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата