Според неколку студии објавени во последниве години, редовното вежбање не ја поништува целосно штетата предизвикана од долготрајното седење. Затоа, научниците советуваат дека, покрај вежбањето, седењето во текот на денот треба да се прекинува со движење, што е можно почесто.
Истражувачи од Универзитетот „Далхаузи“ во Канада проучувале 21 здраво младо лице. Единаесет од нив практикувале интервален тренинг со висок интензитет во текот на 12 недели, додека останатите го задржале своето вообичаено ниво на физичка активност. Иако тренингот ја подобрил физичката подготвеност на учесниците, артеријата зад коленото сепак покажувала нарушена функција по 2 часа непрекинато седење – исто како што било и пред тренингот. Истото нарушување било забележано и кај оние што не вежбале.
Студијата е објавена во списанието European Journal of Applied Physiology, а за неа извести и SciTechDaily. Главниот автор, Дерек Кимерли, професор по кинезиологија, истакна дека подобрата физичка подготвеност сама по себе можеби не ги штити крвните садови од последиците на седењето, како и дека долгите периоди поминати на биро треба да се прекинуваат со движење.
Ризикот постои дури и кај оние што ги исполнуваат препораките за вежбање
Едно пообемно истражување, спроведено од тим од Институтот „Брод“ при „МИТ“ и „Харвард“ – објавено во Journal of the American College of Cardiology и пренесено од ScienceAlert – дојде до сличен заклучок. Истражувачите следеле 89.530 лица со просечна возраст од 62 години; учесниците носеле нараквици за следење на активноста во текот на 7 дена, а нивното здравје било следено во просек 8 години.
Лицата кои поминувале 10,6 часа или повеќе дневно во седење се соочувале со 40% поголем ризик од срцева слабост и 54% поголем ризик од смрт предизвикана од срцеви заболувања. Дури и кај оние што ја исполнувале препораката за 150 минути умерена до интензивна физичка активност неделно, долготрајното седење било поврзано со 15% поголем ризик од срцева слабост и 33% поголем ризик од смрт поради срцеви заболувања.
„Прекумерното седење или лежење може да биде штетно за здравјето на срцето, дури и кај луѓето што се физички активни“, изјави кардиологот Шаан Хуршид, еден од авторите на студијата.
Во истражувањето спроведено од Универзитетот во Глазгов, објавено во списанието PLOS Medicine, учествувале 91.292 лица од UK Biobank, кои биле следени во текот на повеќе од 12 години. Секој дополнителен час континуирано седење бил поврзан со приближно 9% поголем ризик од смрт поради рак. Замената на еден час такво седење со лесна активност била поврзана со 12% помал ризик, пренесува ScienceDaily.
Колку движење е потребно?
Анализата на податоци од повеќе од 130.000 возрасни лица, опфатени во 6 студии спроведени во Обединетото Кралство, САД и Шведска – за што пишуваа истражувачи во The Conversation – покажа дека потребната количина на физичка активност зависи од тоа колку време поединецот поминува во седење. За оние што седат помалку од 7 часа дневно, половина час вежбање носи најголема корист. За оние, пак, што седат од 11 до 12 часа, 30 минути вежбање не се доволни.
Според истата анализа, кај луѓето што поминуваат значително време во седење, ризикот од предвремена смрт се намалува за 30% доколку половина час дневно вежбање се комбинира со 4 до 5 часа лесно движење, под услов вкупното време поминато во седење да остане под 11 часа. Истражувачите пресметале дека 6 минути лесно движење – како што е шетање низ домот или канцеларијата – имаат приближно ист ефект како 1 минута умерена до интензивна физичка активност.
Ниту една од овие студии не дава прецизна препорака за тоа колку често треба да се станува. Истражувачи од Глазгов го дефинираат „долготрајното седење“ како секој континуиран период на седење што трае најмалку 30 минути.
Авторите предупредуваат дека, иако студиите од голем обем укажуваат на поврзаност помеѓу седењето и разни болести, тие не докажуваат дека седењето е директна причина за овие здравствени состојби.
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата