logo
logo
logo

Германија: Училишта оживеаја без социјални мрежи

Vecer | 27.02.2026

Германија: Училишта оживеаја без социјални мрежи

„Децата повторно разговараат и си играат“, вели Андреас Темпел, директор на училиштето „Александер Копел“ во германскиот град Золинген. Оваа образовна установа учествува во градски проект за забрана на социјалните мрежи.

„Децата повторно се дружат во дворот, што порано не беше случај поради мобилните телефони. Претходно само седеа по ќошињата, наведнати над своите уреди“, додаде тој.

„Мора да ги заштитиме децата“

Училиштето заедно со родителите изготвило договор за намери и ја тестирало забраната како мерка против бескрајното скролање и постојаната дистракција.

Околу 1.400 ученици од петто одделение, како и нивните родители, учествуваат во овој проект во Золинген – без социјални мрежи ниту во училиште, ниту дома.

„Имаше непријатни ситуации, па и малтретирање на социјалните мрежи. Мора да ги заштитиме децата од она што таму можат да го видат. Тие се премногу млади за такво нешто“, истакна Темпел.

Во петтите одделенија во неговото училиште има вкупно 162 ученици и забраната, како што вели, кај сите функционирала многу добро, пренесува Deutsche Welle.

„Сè помина мазно. Важно е родителите да учествуваат. Не смее да се случи забраната да престане во моментот кога децата ќе се вратат дома“, додаде тој.

„Опасна практика“

Темпел се надева дека за неколку години ќе има училиште без мобилни телефони и социјални мрежи.

„Децата доаѓаат во понеделник исцрпени и целосно исфрлени од рамнотежа, затоа што за време на викендот поминале премногу време на мобилен телефон, всушност на социјалните мрежи. Тоа е голем проблем“, објасни директорот.

Маркус Суреј веќе десет години работи како училиштен психолог во Золинген и го следи проектот. Во работата со деца и тинејџери забележува дека социјалните мрежи ги оптоваруваат и ги прават зависни. Тој зборува за епидемија на психички проблеми:

„Анксиозните нарушувања и депресиите нагло пораснаа. Тоа овде во Золинген јасно го видовме. Неконтролираната употреба на социјалните мрежи е опасна. Учениците ми зборуваа за својата зависност, за потребата постојано да го проверуваат телефонот“, рече тој.

Неговиот заклучок за забраната е позитивен – учениците се видно позадоволни, а училишните дворови повторно оживеале. Сите дванаесет училишта во Золинген учествуваат во проектот. Откажувањето од социјалните мрежи така станува нова нормалност – без конкуренција и чувство на изолираност.

„Заедничката забрана е вистинскиот пат“, смета психологот.

Политичката расправа доцни?

Актуелната политичка расправа за забрана на социјалните мрежи дојде прилично доцна, критикува психологот.

„Би сакал оваа расправа да започнеше пред две години“, додаде тој.

На партискиот конгрес на владејачката партија Христијанско-демократска унија (ЦДУ) во Штутгарт делегатите со големо мнозинство се изјасниле за законска старосна граница од 14 години за користење социјални мрежи. И нивниот коалициски партнер, Социјалдемократска партија на Германија (СПД), бара брзо дејствување.

Генералниот секретар на СПД, Тим Клизендорф, ја повика владејачката коалиција темата да ја разгледа „по итна постапка“.

„Конечно ни се потребни јасни правила на дигиталните платформи. Алгоритмите што поттикнуваат зависност, како и омразата и малтретирањето, претставуваат огромен проблем за целото општество и можат особено да ги загрозат децата и младите“, рече Клизендорф.

Според актуелната JIM-студија (Jugend, Information, Medien), речиси сите млади на возраст од 12 до 19 години поседуваат мобилен телефон. Две третини од испитаниците велат дека често поминуваат повеќе време на телефонот отколку што планирале.

Во просек поминуваат околу 231 минута дневно на својот уред, поради што наутро често доаѓаат ненаспани, бидејќи навечер предолго биле на телефонот.

Што велат младите?

Анастасија Пик ги претставува учениците во германската покраина Северна Рајна-Вестфалија. Моментално доброволно „апстинира“ од социјалните мрежи, но не ја поддржува забраната.

„Во денешно време ништо повеќе не функционира само преку весници, писма или мејлови. Сè главно се одвива преку социјални мрежи, Snapchat и TikTok. Таму постојат четови преку кои комуницираме“, објасни таа.

Социјалните мрежи станале премногу важни во животите на младите за едноставно да се забранат. Наместо тоа, смета Анастасија, децата треба да се научат на правилна употреба.

© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата

logo

Vecer.mk е прв македонски информативен портал, основан во 2004 година.

2004-2026 © Вечер, сите права задржани

Сите содржини и објави на vecer.mk се авторско право на редакцијата. Делумно или целосно преземање не е дозволено.

Develop & Design MAKSMEDIA LTD Skopje Copyright © 2004-2026. Vecer.mk