logo
logo
logo

ДОМАШНА ГРИЖА ИЛИ ДОМ ЗА СТАРИ ЛИЦА: Одлука базирана на разум, а не на вина

Vecer | 29.09.2026

ДОМАШНА ГРИЖА ИЛИ ДОМ ЗА СТАРИ ЛИЦА: Одлука базирана на разум, а не на вина

Кога родителите ќе влезат во одминати години или ќе се соочат со сериозни здравствени предизвици, семејството често се наоѓа пред една од најтешките животни одлуки: како да им се обезбеди соодветна, достоинствена и безбедна нега.

Во нашето општество, традицијата и емоционалните врски често диктираат дека децата се оние кои треба преземат целосна грижа за постарите членови во сопствениот дом. Меѓутоа, современиот начин на живот, професионалните обврски, но и специфичните медицински потреби на болните лица, сè почесто го прават овој предизвик преголем за едно семејство.

Чувството на вина како најголема пречка

За многумина, самата помисла за сместување на родителот во дом за стари лица предизвикува силно чувство на вина, страв од осуда од околината и преиспитување дали со тоа се нарушува моралната обврска кон оние кои не одгледале. Сепак, стручњаците и духовните советодавци сè почесто укажуваат дека љубовта и грижата за родителите не треба да се мерат само според тоа каде тие живеат, туку според квалитетот на негата и вниманието што ги добиваат.

Кога здравствената состојба бара деноноќен медицински надзор или физичка помош што семејството не може да ја обезбеди, обидот сè да се сработи самостојно може да доведе до физичка и емоционална исцрпеност, а понекогаш и до нарушување на односите во сопственото семејство.

Приватен или државен дом: Кога професионалната нега е подобар избор?

Сместувањето во специјализирана установа не мора да значи прекинување на врската или напуштање на родителот. Доколку установата нуди соодветни услови, професионална медицинска грижа и безбедност, тоа може да биде хумано решение што на постарото лице ќе му овозможи подобри услови за живот отколку што би имало дома.

Во такви ситуации, семејството ја менува својата улога – од деноноќни негуватели кои се под постојан стрес, децата стануваат редовни посетители кои можат да му посветат квалитетно време, љубов и емоционална поддршка на својот родител.

Баланс помеѓу можностите и потребите

Секоја семејна ситуација е уникатна и не постои универзален одговор. Клучот е во отворениот разговор меѓу сите членови на семејството, реалната проценка на сопствените можности и потребите на родителот. Носењето одлука базирана врз разум, информации и грижа за добробитот на сите вклучени – наместо врз чувство на вина – е првиот чекор кон наоѓање најдобро решение.

© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата

Најчитани во последни 7 дена

logo

Vecer.mk е прв македонски информативен портал, основан во 2004 година.

2004-2026 © Вечер, сите права задржани

Сите содржини и објави на vecer.mk се авторско право на редакцијата. Делумно или целосно преземање не е дозволено.

Develop & Design MAKSMEDIA LTD Skopje Copyright © 2004-2026. Vecer.mk