Одржувањето здраво ниво на холестерол не зависи само од исхраната, туку и од дневните навики. Она што го правиме по последниот оброк може да влијае врз здравјето на срцето и крвните садови, особено ако редовно се спроведуваат здрави навики. Малите промени во вашата вечерна рутина можат да помогнат во регулирањето на мастите во крвта и да придонесат за подобро целокупно здравје. Диететичарката Линдзи ДеСото издвои пет едноставни навики по вечерата што можат да помогнат во одржувањето здраво ниво на холестерол.
Прошетка по вечерата
Лесна прошетка од 10 до 20 минути по вечерата може да биде корисна за здравјето на срцето. Редовната физичка активност може да го зголеми нивото на HDL (добриот холестерол), да ги намали триглицеридите и да го олесни одржувањето здрава телесна тежина. Одењето по оброците исто така помага во регулирањето на шеќерот во крвта, а кратките прошетки придонесуваат за препорачаните 150 минути умерена физичка активност неделно, објаснува ДеСото за „Health“.
Избегнување доцни ноќни ужини
Чипсот, колачите, сладоледот и бонбоните често се богати со заситени масти и додадени шеќери, што може да го отежни управувањето со холестеролот, забележува ДеСото. Ако гладот редовно се јавува по вечерата, важно е во текот на денот да се консумираат доволно протеини, влакна и здрави масти. За вечерна ужина подобри избори се овошјето, пуканките без маснотии или мала шака јаткасти плодови.
Релаксација пред спиење
Стресот може да поттикне прејадување, да го наруши сонот и да ја намали мотивацијата за физичка активност, што го отежнува одржувањето здраво ниво на холестерол. Затоа е корисно навечер да одвоите неколку минути за опуштање ‒ на пример, со читање, лесно истегнување, јога, медитација или длабоко дишење, советува ДеСото.
Квалитетен ноќен сон
Истражувањата го поврзуваат лошиот квалитет на спиење со повисоки нивоа на LDL (лошиот холестерол) и триглицериди. Недостатокот од сон може да влијае и врз хормоните што го регулираат гладот, со што се отежнува одржувањето здрави навики во исхраната.
На повеќето возрасни им се потребни од седум до девет часа сон, а за подобрување на неговиот квалитет може да помогнат редовниот распоред на спиење, ограничувањето на користењето екрани пред спиење и свежата, темна и тивка спална соба, истакнува ДеСото.
Планирање на оброците однапред
Подготовката на храна за следниот ден го олеснува поздравото јадење и го намалува потпирањето врз готови оброци, кои често содржат повеќе заситени масти, сол и додадени шеќери. Дури и однапред подготвениот ручек, овошје или појадок може да помогне во исхраната да вклучиме повеќе зеленчук, интегрални житарки, мешунки и друга храна корисна за срцето, вели ДеСото.
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата