logo
logo
logo

„БИРКИН“ ПОВЕЌЕ НЕ Е НЕДОСТИЖНА: Пазар преплавен со чанти, цените во пад

Vecer | 21.10.2026

„БИРКИН“ ПОВЕЌЕ НЕ Е НЕДОСТИЖНА: Пазар преплавен со чанти, цените во пад

Вредноста на чантите „биркин“ на француската модна куќа „Хермес“ опаѓа на пазарот на половни луксузни стоки, бидејќи понудата се зголемува, а побарувачката слабее. Ова го предизвикува деловниот модел на производителот базиран на ексклузивност и ограничена достапност, објавува „Ројтерс“.

Препродавачите велат дека цената на некористените чанти „биркин“ на секундарниот пазар е намалена за илјадници долари во споредба со периодот кога го достигна својот пик во 2022 година.

Според брокерската куќа „Бернштајн“ (Bernstein), просечната цена на чантата „биркин 25“ на секундарниот пазар во третиот квартал од оваа година била околу 1,7 пати повисока од малопродажната цена, во споредба со 2,6 пати од нејзината највисока вредност во 2022 година.

Аналитичарите од швајцарската банка УБС (UBS) проценуваат дека бројот на чанти „биркин“ и „кели“ што се нудат на продажба ширум светот е за шест до седум пати поголем отколку пред пандемијата на коронаварус.

Растот на понудата е поттикнат од проширувањето на платформите за препродажба на луксузна стока, како и од порастот на специјализираните продавници и продавачите на социјалните мрежи.

Чантите „биркин“, именувани по британско-француската актерка Џејн Биркин, со децении се еден од најпрепознатливите симболи на луксуз, а нивната ограничена достапност им овозможува на купувачите да ги препродаваат на секундарниот пазар по цени далеку над малопродажните.

Според препродавачите, купувањето на „биркин“ често е условено со претходни купувања на други производи од „Хермес“, како што се облека, обувки и свилени марами. Двајца препродавачи проценуваат дека купувачите понекогаш трошат од 10.000 до 20.000 долари пред воопшто да им биде понудена чанта „биркин“ или „кели“.

Од „Хермес“ претходно изјавија дека се потребни околу 15 часа рачна изработка за да се направи една чанта „биркин“.

Во периодот од 2015 до 2025 година, модната куќа ги зголеми своите годишни приходи за трипати, достигнувајќи 16 милијарди евра, додека нејзината оперативна маржа минатата година достигна 41 процент.

Сепак, акциите на „Хермес“ изгубија речиси 40 проценти од својата пазарна вредност од почетокот на оваа година. Претходно овој месец, УБС ја намали препораката за акциите на компанијата во категоријата „за продажба“, предупредувајќи дека зголемената понуда на чанти на секундарниот пазар би можела да го ослаби деловниот модел заснован врз нивната реткост.

Според проценките на аналитичарите цитирани од „Ројтерс“, се очекува „Хермес“ во вторник да објави квартален раст на приходите од 5,2 проценти, што би бил најслабиот квартален раст во последните шест години.

Сепак, некои трговци на мало тврдат дека побарувачката за најскапите модели останува стабилна, а кај одредени парчиња дури се забележува и благ раст на цените. Ова укажува на тоа дека слабоста на пазарот не е подеднакво изразена кај сите модели и платформи за продажба.

© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата

Најчитани во последни 7 дена

logo

Vecer.mk е прв македонски информативен портал, основан во 2004 година.

2004-2026 © Вечер, сите права задржани

Сите содржини и објави на vecer.mk се авторско право на редакцијата. Делумно или целосно преземање не е дозволено.

Develop & Design MAKSMEDIA LTD Skopje Copyright © 2004-2026. Vecer.mk