logo
logo
logo

Приказната за новиот белгиски принц: ОД СЛУЧАЈНА СРЕДБА ВО МОЛ ДО ДНК ТЕСТ И КРАЛСКА ТИТУЛА

Vecer | 21.08.2026

Приказната за новиот белгиски принц: ОД СЛУЧАЈНА СРЕДБА ВО МОЛ ДО ДНК ТЕСТ И КРАЛСКА ТИТУЛА

Еден поранешен продавач на автомобили преку ноќ стана принц откако белгискиот принц Лоран го призна за свој син.

И не само тоа. 26-годишниот Клеман Ванденкеркхове ќе стане и легален наследник на принцот, иако нема да влезе во линијата за наследување на белгиската круна, пишува Би-би-си.

Ванденкеркхове е роден по врската на принцот со пејачката Венди Ван Вантен, а на мала врата влезе во семејството на принцот Лоран на церемонија одржана во градското собрание пред шест месеци. Деталите за тој настан дури сега излегуваат на видело.

Но, иако формално ќе стане принц, тој нема да има право на кралски паричен додаток.

Новиот принц имаше неколку години да се навикне на идејата дека има татко од кралска лоза, а неодамна изјави дека сè уште не е сигурен дали ќе почне да го користи презимето на татко му, Сакс-Кобург.

„Можеби ќе го земам презимето на татко ми, но горд сум и на моето презиме Ванденкеркхове“, изјави тој за порталот „Nieuwsblad“.

„Ако се откажам од моето презиме, тоа би било предавство за сè што мајка ми направи за мене.“

Иако ќе има официјална титула, Клеман нема да влезе во линијата за наследување на белгиската круна, за разлика од неговата полусестра, принцезата Луиз, и полубратот, принцот Николас. Исто така, тој нема да учествува во јавните кралски активности.

Белгиската јавност веќе го запозна Ванденкеркхове откако минатиот септември учествуваше во телевизиски документарец во кој објасни како го запознал својот татко.

Неговиот татко бил во врска со Венди Ван Вантен, чие вистинско презиме е Ванденкеркхове, по што во 2003 година се оженил со принцезата Клер. Во документарецот, Клеман опиша како во 2013 година случајно го сретнал принцот во еден трговски центар, но тогаш не знаел кој е. Дури кога наполнил 16 години, мајка му му го открила вистинскиот идентитет на неговиот татко.

Четири години подоцна собрал храброст и му се јавил, а неколку месеци подоцна се сретнале очи во очи, по што принцот Лоран предложил да направат ДНК тест.

„Заедно отидовме во болница и тој рече дека ќе оди прв ако така ми е полесно“, рече Клеман. Кога стигнала е-поштата од лабораторијата, било потврдено дека тие навистина се татко и син. Тој тест за утврдување на татковството го потсети принцот Лоран на неговиот татко, поранешниот крал Алберт Втори, кој исто така направи таков тест по долга битка за татковство. Алберт во 2020 година потврди дека добил ќерка за време на љубовна афера и на крајот ја призна за законита.

Но, поради тој скандал, во 2013 година мораше да абдицира од тронот на Белгија. Делфин Боел, која во меѓувреме стана позната уметница, така на крајот ја доби судската битка и правото да ја носи титулата принцеза, па сега се вика Делфин де Сакс-Кобург.

Таа иста 2013 година беше променет белгискиот закон, па сега само грст членови на кралското семејство имаат право на паричен надоместок: кралот Филип, неговиот татко кралот Алберт Втори, принцот Лоран и принцезата Астрид.

© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата

logo

Vecer.mk е прв македонски информативен портал, основан во 2004 година.

2004-2026 © Вечер, сите права задржани

Сите содржини и објави на vecer.mk се авторско право на редакцијата. Делумно или целосно преземање не е дозволено.

Develop & Design MAKSMEDIA LTD Skopje Copyright © 2004-2026. Vecer.mk