Универзитетската болница Шлезвиг-Холштајн во Кил и Либек бележи сè поголем број пациенти со специфични повреди кои лекарите ги нарекуваат „авокадо рака“. Станува збор за сериозни посекотини што настануваат при неправилно сечење или вадење на коската од авокадото. Податоците од итното одделение покажуваат дека од 2020 до средината на 2026 година се регистрирани над 80 вакви случаи, со постојан годишен раст — од осум повреди во 2020 година, до дури 21 случај во изминатата година. Статистиката открива дека дури 81,9 отсто од повредените се жени, а повеќе од половината пациенти се млади луѓе на возраст меѓу 20 и 29 години.
Иако името на повредата звучи безопасно, последиците можат да бидат исклучително тешки и често бараат итна хируршка или микрохируршка интервенција. Овој феномен не е нов и веќе е добро познат во САД, каде што обемна анализа објавена во списанието „The American Journal of Emergency Medicine“ покажа над 50.000 вакви повреди во период од две децении. Експертите заклучуваат дека порастот на инцидентите е директно поврзан со глобалната популарност и зголемената конзумација на ова овошје.

Според лекарите, „авокадо рака“ настанува поради незгодна комбинација од анатомијата на дланката и структурата на самиот плод. Несреќата најчесто се случува кога половината од авокадото се држи во дланката, додека со другата рака се обидува со нож да се извади тврдата и лизгава коска. Ако сечилото спрекне или одеднаш помине низ мекиот дел, тоа со голема сила завршува во дланката или во прегибот на прстите. На тие места, непосредно под кожата, се наоѓаат клучни атониски структури како што се тетивите, нервите и артериите. Повредата може да предизвика обилно крварење, а во потешки случаи и делумно или целосно губење на функцијата на прстот, што бара неколкунеделна имобилизација и долга физиотерапија.
За да се избегнат ваквите опасни последици, германските медицински експерти советуваат целосна промена на навиките во кујната. Авокадото никогаш не треба да се држи во рака додека се сече, туку мора да биде поставено на стабилна кујнска даска. Наместо забивање на нож во коската, многу посигурно е таа да се извади со обична лажица, а секое понатамошно сечење на парчиња исто така треба да се прави исклучително додека плодот лежи на плочата.
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата