Британскиот регулатор за комуникации „Офком“ отвори официјална истрага против ТикТок поради сомнежи дека платформата не обезбедува доволна заштита на децата од штетна содржина и дека системот за проверка на возраста на корисниците не функционира ефикасно.
Истрагата ќе утврдува дали ТикТок ги исполнува обврските предвидени со Законот за безбедност на интернет, кој постепено се применува откако стапи во сила во октомври 2023 година.
Од „Офком“ соопштија дека нивната ревизија покажала оти платформата не презема доволно мерки за заштита на децата и покрај бројните докази за потенцијално штетната содржина. Регулаторот изразил и сомнеж дека дел од системите за проверка на возраста не успеваат правилно да идентификуваат значителен број малолетни корисници.
Доколку се утврдат прекршувања, ТикТок би можел да се соочи со казна до 18 милиони фунти или 10 проценти од глобалниот приход на компанијата, во зависност од тоа кој износ е поголем. Регулаторот има можност да побара и судска наредба со која би се ограничил пристапот до платформата во Велика Британија.
Од ТикТок ги отфрлаат обвинувањата и велат дека применуваат строги правила за содржините соодветни на возраста, користат напредни технологии за процена на возраста на корисниците и дека во последните осум години инвестирале милијарди во безбедноста на платформата.
Истрагата доаѓа само еден месец откако британската влада најави забрана за користење на социјалните мрежи за лица помлади од 16 години, која треба да стапи во сила во пролетта 2027 година. Мерката ќе ги опфати ТикТок, Инстаграм, Фејсбук, Јутјуб, Снепчат и Икс. Дополнително, за корисниците на возраст од 16 и 17 години ќе биде овозможена опција за ноќно ограничување на користењето на социјалните мрежи и исклучување на бесконечното скролање.
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата