logo
logo
logo

ВНИМАВАЈТЕ АКО ЛИЖЕТЕ! - Научниците со важно предупредување!

Vecer | 24.08.2026

ВНИМАВАЈТЕ АКО ЛИЖЕТЕ! - Научниците со важно предупредување!

Многумина уште од детството го слушаат предупредувањето дека не треба да го лижат капакот од пудингот бидејќи може да биде штетно. Но, дали оваа навика е навистина опасна за здравјето или станува збор за едно од предупредувањата што се пренесуваат од генерација на генерација?

На алуминиум во секојдневниот живот сме изложени  од различни извори, вклучувајќи храна, садови, лекови и козметички производи. Проблемот може да се појави со долготрајно внесување големи количини бидејќи алуминиумот може да се наталожи во организмот и негативно да влијае на здравјето.

Според податоците од германските организации за заштита на потрошувачите, алуминиумот може природно да се наоѓа во разни намирници. Повисоки концентрации се забележани, меѓу другото, во зачините, чајот, школките, какаото и производите од какао како што е темното чоколадо.

Посебна претпазливост се препорачува кога алуминиумот доаѓа во допир со кисела или многу солена храна, бидејќи во такви услови металот може полесно да се пренесе на намирницата. Затоа, на пример, не се препорачува долго време да се чува кисела или солена храна во незаштитени алуминиумски садови или фолија.

Дали тогаш е безбедно да се лиже капакот на пудингот? И покрај сето тоа, повременото лижење на капакот од пудингот не би требало да претставува ризик по здравјето поради алуминиумот. Ваквите капаци најчесто се направени од алуминиум, но од внатрешната страна имаат тенок заштитен слој што спречува директен контакт на храната со металот.

Бенџамин Шилер од Канцеларијата за хемиско и ветеринарно испитување во Штутгарт (ЦВУА) објаснува дека проблемот теоретски може да се појави ако тој заштитен слој е оштетен, на пример, со стружење со лажица.

„Ако пластичниот слој е оштетен со стружење со лажица или лижење, алуминиумот може да почне да се отпушта од капакот“, рекол Шилер за „Окотест“.

Сепак, количината на алуминиум што на тој начин може да се ослободи е толку мала што не претставува значителен ризик по здравјето. Поголемата причина за претпазливост е, всушност, многу поедноставна – работ на капакот може да биде остар. Ако капакот е свиткан или оштетен, со него можете да си го исечете јазикот или усната.

Значи, ако како дете сте слушнале дека не треба да го лижете остатокот од пудингот од капакот бидејќи ќе се „отруете со алуминиум“ ,за таков страв нема вистинска причина. Многу пореална опасност е малата, но непријатна исеченица на остриот раб на капакот.

© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата

logo

Vecer.mk е прв македонски информативен портал, основан во 2004 година.

2004-2026 © Вечер, сите права задржани

Сите содржини и објави на vecer.mk се авторско право на редакцијата. Делумно или целосно преземање не е дозволено.

Develop & Design MAKSMEDIA LTD Skopje Copyright © 2004-2026. Vecer.mk