Американскиот претседател Доналд Трамп последниве недели на голф-терените се појавува со придружба која далеку ги надминува вообичаените протоколи за претседателска заштита.
За време на партија голф на теренот во Бедминстер, Њу Џерси, каде што го помина викендот следејќи ја завршницата на турнирот LIV Golf, на само неколкуметри зад него бил поставен воениот противвоздушен систем Avenger, опкружен со бодликава жица. За негово опслужување биле ангажирани повеќе од десетина војници, а снимките и фотографиите што се појавија на социјалните мрежи го прикажуваат и радарот Sentinel, наменет за откривање цели во воздухот.
Германскиот весник „Билд“ јавува дека станува збор за систем кој вообичаено се користи за заштита на воени единици во воени зони. Тој е вооружен со ракети Stinger, способни да соборат нисколетачки летала и беспилотни летала, вклучувајќи и модифицирани комерцијални дронови кои потенцијални напаѓачи би можеле да ги искористат за атентат.
Трамп, сепак, ја прифатил ситуацијата со доза на хумор. За време на средбата со војниците кои го обезбедувале, американскиот претседател се прошегувал: „Не се грижам за ракетите и дроновите“. На тоа, еден од припадниците на единицата, покажувајќи кон противвоздушниот систем зад нив, му одговорил: „Сè имаме под контрола“.
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата