Истражувачкиот центар во Кембриџ, според проект вреден 20 милиони фунти (23,4 милиони евра), ќе одгледува минијатурни човечки органи за тестирање лекови.
До ова доаѓа во очекување органоидите и ткивата одгледани од човечки ќелии да дадат поточни резултати од животните на кои претходно се тестирало, изјави денеска професорот по педијатриска гастроентерологија на Институтот за матични ќелии во Кембриџ, Матијас Зилбауер.
„Тоа ќе има големо влијание врз бројот на користени животни и начинот на кој ќе развиваме нови лекови во иднина. Не велиме дека нема да има употреба на животни во блиска или догледна иднина, бидејќи сè уште постојат одредени прашања што не можат да се тестираат во овие нови модели, но намалувањето е многу реално“, рече Зилбауер, пренесува „Гардијан“.
Минијатурните човечки органи и други ткива ќе се одгледуваат од ќелии на пациенти од Националната здравствена служба (НХС) со цел подобрување на тестирањето лекови и намалување на бројот на животни што се користат во развојот на лекови.
Научниците ќе користат грутки од ткиво за да дознаат како болестите се разликуваат меѓу пациентите, помагајќи им да идентификуваат кои третмани се најдобри за различни луѓе врз основа на одредената патологија во основата на нивната состојба.
Овој потег означува премин од традиционалната употреба на животни како модели за човечки болести кон она што истражувачите го сметаат за попрецизни и посигурни тестови засновани директно врз човечки ткива.
Според статистиката, повеќе од 90 отсто од лековите што минуваат низ тестирање на животни на крајот не минуваат на испитувањата врз луѓе, што го поставува прашањето за вредноста на тие тестови.
„Многу човечки болести или не се појавуваат кај животните или се појавуваат на различен начин бидејќи тие не се луѓе. Сакаме тестови и модели што можат да ни кажат кои третмани делуваат и кај кои пациенти, а глушецот тоа не може да ни го каже“, рече Зилбауер.
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата