logo
logo
logo

„Следниот пат ќе добиеш повеќе“: ОДГОВОРОТ ШТО БАВАРСКИОТ ПЕКАР ГО ПЛАТИ 15.000 ЕВРА

Vecer | 26.08.2026

„Следниот пат ќе добиеш повеќе“: ОДГОВОРОТ ШТО БАВАРСКИОТ ПЕКАР ГО ПЛАТИ 15.000 ЕВРА

Жалбата од купувач за кусок од десет грама леб го чинеше еден баварски пекар 15.000 евра, колку што мораше да инвестира во нова опрема за мерење за сите свои подружници. Случајот од Пфафенхофен на Илм, гратче северно од Минхен, го привлече вниманието на германската јавност, пренесува „Еуроњуз“.

Спорот го започнал е-пошта

Пекарот Матијас Брајтнер со децении продава половини леб, но проблемот настанал кога еден купувач му се обратил преку е-пошта. Во пораката тврдел дека дома ја измерил половината векна и утврдил дека е десет грама полесна од пропишаната половина од тежината на целиот леб. „Некогаш добиваш, некогаш губиш. Следниот пат сигурно ќе има десет грама повеќе“, му одговорил Брајтнер.

Сепак, купувачот по тоа им се обратил на надлежните служби. Локалното биро за метерологија го известило Брајтнер дека повеќе не смее да продава половини леб доколку претходно не ги измери пред купувачот. Овие правила се темелат врз германската Уредба за пакување (Fertigpackungsverordnung), со која се спроведуваат европските и националните прописи.

Брајтнер објаснил дека не сака да продава однапред спакувани половини, што значи дека парчињата што се сечат по желба на купувачот мора да ги мери на лице место. Поради тоа мораше да постави нови ваги во сите свои пекарници, при што вкупниот трошок изнесуваше околу 15.000 евра. Тој додаде и дека некои други пекарници поради овој случај целосно престанале да продаваат половини леб бидејќи се плашат од слични жалби и инспекциски надзори.

Германските судови под сè поголем притисок

Случајот со пекарницата од Баварија се случува во време кога германските судови бележат нагол пораст на бројот на судски постапки. Некои службеници сметаат дека една од причините би можела да биде вештачката интелигенција, која на граѓаните им го олеснува составувањето обемни правни поднесоци. Според извештаите на „Тагесшау“ и „Зиддојче цајтунг“, Работниот суд во Берлин до август примил повеќе од 16.000 тужби.

Тоа е бројка што тој суд вообичаено ја бележи во текот на целата година. Надлежните органи наведуваат дека една од можните причини за овој пораст е сè почестата употреба на АИ-алатки како ChatGPT и Gemini. Тие алатки им овозможуваат на корисниците брзо да состават долги и сложени правни документи. Сепак, не постојат докази дека вештачката интелигенција била користена во жалбата против пекарницата на Брајтнер.

© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата

logo

Vecer.mk е прв македонски информативен портал, основан во 2004 година.

2004-2026 © Вечер, сите права задржани

Сите содржини и објави на vecer.mk се авторско право на редакцијата. Делумно или целосно преземање не е дозволено.

Develop & Design MAKSMEDIA LTD Skopje Copyright © 2004-2026. Vecer.mk