logo
logo
logo

120 СКЕЛЕТИ И ЕДНА АМПУТИРАНА НОГА - Новите анализи откриваат мрачни детали за ископаните скелети во Австрија

Vecer | 25.08.2026

120 СКЕЛЕТИ И ЕДНА АМПУТИРАНА НОГА - Новите анализи откриваат мрачни детали за ископаните скелети во Австрија

Археолошките ископувања во Рансхофен, Австрија, завршија, а новите лабораториски анализи од Виена откриваат сè повеќе детали за мистериозната масовна гробница која случајно беше откриена напролет.

Од локалитетот се ископани останки на 120 млади мажи, на возраст од 15 до 25 години. Антрополошките анализи покажале дека кај повеќе од починатите постоеле знаци на сериозен недостиг на витамин Ц, што упатува на хронична неухранетост. Таквите состојби често се забележувале кај војници за време на долгите воени походи, пренесува „MeinBezirk“.

Особено внимание привлекло откривањето на ампутирана нога. Чистото отсекување под коленото укажува дека станувало збор за намерна медицинска интервенција. Според Михаела Биндер од археолошката служба „Новетус“, ова е силен доказ дека во непосредна близина на локалитетот веројатно постоела полска болница или друга медицинска станица.

Радиокарбонските анализи го потврдуваат историскиот контекст. Останките датираат од периодот меѓу 1723 и 1813 година, со што дополнително се зајакнува претпоставката дека се поврзани со Наполеоновите војни. Во прилог на оваа теорија оди и местоположбата на наоѓалиштето – улицата Французенкројцштрасе – како и близината на историскиот „Француски крст“.

За првпат меѓу скелетите биле пронајдени и лични предмети: две бронзени игли, кои најверојатно биле користени за прицврстување завои или облека, како и прстен, кој моментално се реставрира и се испитува. Доколку на него се открие гравура или друг знак, можно е да даде трага за идентитетот на неговиот сопственик.

Сепак, сè уште не е утврдено кој биле луѓето погребани во масовната гробница. Идните ДНК-анализи би можеле да покажат дали станува збор за војници од Франција или за локално население. Обемот на понатамошното истражување ќе зависи од достапните финансиски средства.

Земјиштето каде што биле пронајдени останките е ставено под споменичка заштита, но по завршувањето на ископувањата повторно е пуштено во употреба. Археолозите не ја исклучуваат можноста под денешната станбена населба да има и други човечки останки.

Подеталните резултати од лабораториските анализи се очекуваат до Божиќ.

© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата

logo

Vecer.mk е прв македонски информативен портал, основан во 2004 година.

2004-2026 © Вечер, сите права задржани

Сите содржини и објави на vecer.mk се авторско право на редакцијата. Делумно или целосно преземање не е дозволено.

Develop & Design MAKSMEDIA LTD Skopje Copyright © 2004-2026. Vecer.mk