Италијанските научници тргнаа во генерална офанзива против инвазивниот син рак кој прави пустош низ Јадранското Море. Овој незаситен предатор уништува сè пред себе во одгледувалиштата на школки во североисточна Италија, а вкупната штета веќе достигна огромни 200 милиони евра.

За да му застанат на патот, истражувачите од Универзитетот во Болоња го активираа неговиот најголем природен непријател, обичниот октопод. Според истражувачот Антонио Кацалини, октоподот е идеален избор бидејќи е исклучително ефикасен ловец на ракови.
Проектот наречен „Окто-блу“, кој е финансиски поддржан од регионот Емилија-Ромања, веќе дава големи резултати:
Научниците ги одгледуваат младите октоподи во посебна лабораторија во Чезенатико, а кога ќе пораснат доволно, ги пренесуваат директно во морските длабочини.
Во морето им се подготвени специјални вештачки засолништа од цемент и глина во близина на подводните гребени.
Од јуни досега во Јадранот се пуштени дури 80.000 млади октоподи, а до крајот на август планот е таа бројка да се дуплира со уште толку нови ловци.
Главната цел на научниците е овие млади октоподи да преживеат, да формираат стабилна крајбрежна популација и природно да го сопрат неконтролираното ширење на синиот рак.
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата