logo
logo
logo

ТЕЛОТО ГО ПРОНАШЛЕ СПАСУВАЧИТЕ - Трагедија во „Долината на смртта“

Vecer | 27.08.2026

ТЕЛОТО ГО ПРОНАШЛЕ СПАСУВАЧИТЕ - Трагедија во „Долината на смртта“

Француски турист го загуби животот откако со својот сопатник остана заглавен со автомобил на екстремно високи температури во познатиот Национален парк „Долина на смртта“ во Соединетите Американски Држави, пренесува Си-Ен-Ен.

Трагедијата се случила кога Пјер Мишел Формоза и неговиот сопатник се возеле по локален пат, каде што нивното возило се заглавило во кал. Бидејќи во близина немало други возила ниту телефонски сигнал, двајцата одлучиле пешки да тргнат преку солените рамнини за да бараат помош. Меѓутоа, додека температурата тој ден достигнала пеколни 46,6 степени Целзиусови, Формоза дехидрирал и се срушил по само два изминати километра. Неговиот пријател продолжил сам и успеал да наиде на друг автомобил, по што веднаш ја алармирал спасувачката служба.

И покрај брзата интервенција со хеликоптер и копнени екипи, спасувачите само можеле да констатираат смрт кога го пронашле телото на францускиот турист.

Управникот на националниот парк, Мајк Рејнолдс, изрази длабоко сочувство до семејството и предупреди дека овој трагичен настан е суров потсетник за тоа колку брзо условите во оваа пустина можат да станат фатални. Во Долината на смртта моментално е на сила предупредување за екстремни жештини со температури кои достигнуваат речиси 48 степени.

Спасувачките служби потсетуваат дека ова е најтоплото и најсувото место во Северна Америка, каде што покриеноста со мобилна мрежа речиси и да не постои. Тие повторно апелираат до сите посетители: во случај на дефект или заглавување, најсигурно е да се остане во или до возилото. Автомобилот обезбедува каков-деков лад и заштита, а за спасувачките тимови е десеткратно полесно да забележат автомобил од воздух отколку осамен пешак во пространата пустина.

© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата

logo

Vecer.mk е прв македонски информативен портал, основан во 2004 година.

2004-2026 © Вечер, сите права задржани

Сите содржини и објави на vecer.mk се авторско право на редакцијата. Делумно или целосно преземање не е дозволено.

Develop & Design MAKSMEDIA LTD Skopje Copyright © 2004-2026. Vecer.mk