Џек Бартон, 29-годишен Британец од Вустер починал откако откажувањето од пушење довело до токсични нивоа на лековите што ги земал за лекување на шизофренија, открила истрагата на судската медицина во мртовечницата.
Бартон, кој страдал од параноидна шизофренија и бил долгогодишен пушач, починал од труење со клозапин, антипсихотик што го земал под надзор на својот психијатар, објавија GB News и БиБиСи.
Бартон престанал да пуши за време на одмор во Северен Јоркшир и починал околу три дена по последната цигара. Истражниот процес покажал дека дозата на лекот што го земал, која била прилагодена на неговите тешки навики за пушење, станала превисока откако престанал да пуши.
Како што е наведено, цигарите можат да влијаат на разградувањето на клозапинот во телото и да ја намалат неговата концентрација во крвта, а по прекинувањето на пушењето, нивото на лекот може нагло да се зголеми, што во некои случаи може да доведе до сериозни несакани ефекти, вклучително и труење.
Помошничката во мртовечницата од Вустер, Дебора Лакин, изјавила дека Бартон требало да го информира својот психијатар пред да престане да пуши, за да може дозата на лекот да се намали.
Таа издаде извештај за спречување на идни смртни случаи, предупредувајќи дека нема доволно јасни упатства за лекарите да ја прилагодат терапијата со клозапин кај пациенти кои престануваат да пушат. За време на истрагата, беше посочено и нееднаквото оценување на лекарите за тоа како да се дејствува во случај на намалување или целосно прекинување на пушењето кај луѓе кои го земаат овој лек.
Лакин изјави дека без појасни протоколи, би можеле да се појават нови слични случаи и повика на воведување на стандардизирани процедури за следење на пациенти кои користат клозапин и ги менуваат своите навики за пушење.
Клозапинот е антипсихотичен лек кој првенствено се користи за лекување на тешки ментални состојби, вклучувајќи шизофренија отпорна на третман, психози кај Паркинсонова болест и за намалување на ризикот од самоубиство.
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата